Каја Шукова има план за Вардариште, тој е во две фази

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска претстави план во две фази како да се спречи палењето на депонијата Вардариште и загадувањето на делови од Скопје. Таа рече дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓоргиевски, ги потценувал граѓаните и дека неговото решение за парк „била срамна изборна манипулација. Тоа е навреда за сите што протестираат и секојдневно се трујат“.
Нејзиниот план бил реален и е во две фази.
„Прва фаза за заштита од палење. Во рок од 45 дена систем за спречување na палењето на депонијата. Потоа, оградување на Вардариште, 24-часовна физичка контрола и обезбедување“, рече таа на прес-конференција.
Втората фаза била на долг и среден рок и таа соржи изградба на современа претоварна станица и целосна санација на контаминираната локација. Воспоставување целосен систем за управување со отпад – од собирање до финално депонирање во Дрисла, со задолжителна селекција. Обнова на механизацијата за собирање и транспорт на отпад.
„Ова е вистинското решение за Вардариште, сѐ друго се бајки и приказни на ВМРО-ДПМНЕ. Скопје нема време за нови лаги“, рече Шукова.
Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш ја обвинија дека ширела предизборни манипулации. „Шукова која до вчера беше министерка за животна средина не успеа да најде решение за Вардариште за денес да глуми загриженост. Шукова да не се грижи, за Вардариште ќе има решение од идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски“, стои во нивното соопштение.