Кај Валона спасени Срби од јахта што тонела


Благодарение на брзата интервенција на капетанијата од приморскиот албански град Валона, спасена е јахта од потонување во која се наоѓале српски државјани.

– Јахтата „Ламакоиа“ долга 23 метри пловеше под италијанско знаме. Во неа се наоѓаа седум српски граѓани. Поради дефект на моторот, доколку не се интервенираше навреме, постоеше опасност да потоне – соопшти капетанијата.

По добиениот сигнал за помош синоќа во 21 часот, бродот „П-116 Бора“ на капетанијата, лоциран кај островот Сазан, ја почнал акцијата за спасување. Јахтата, која се наоѓала во морските води во близина на островот, била влечена до пристаништето во Валона, каде што пристигнала околу четири часот утрово. Патниците се во добра здравствена состојба. На помош бил упатен и патролен чамец на поморската гранична полцијиа.