Кај Штип ќе „никнат“ 55 ветерници, ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства

Новиот ветерен парк на „Алканзар енерџи партнерс“ е најавен како најголем во Западен Балкан и е значаен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и целите за обновлива енергија на земјата


 

Со поставување камен темелник денеска стартуваше изградбата на ветерен парк во близина на Штип, каде „Алканзар енерџи партнерс“, со инвестиција од 500 милони долари на површина од 326 хектари ќе изгради 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства. 

Новиот ветерен парк најавен како најголем во Западен Балкан, е значаен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и целите за обновлива енергија на земјата.

Коосновачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон најави намалување на цената на струјата со овој проект за чиј старт ја истакна подготвеноста на државата, како што рече, со покажано лидерство и дисциплина.

– Раководството на државата нас не туркаше да ги завршиме работите побргу. Ги поставуваме темелите на овој значаен проект над 500 милиони долари, кој ќе создаде 600 работни места, ќе создаде чиста енергија, ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид, рече Колдерон.

Тој сподели дека според анализа на Блумберг во Западен Балкан ќе има нови инвестиции во обновливи извори на енергија во износ од 11 милијари долари, во кои, рече дека државава би имала удел од 30 до 40 проценти поради позицијата, човечкиот капитал и дисциплината.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска преку видео обраќање нагласи дека ова не е еднократна инвестиција, туку долгорочна стратешка ориентација на земјата.

– Не само што го менуваме начинот на кој произведуваме енергија, туку го менуваме и нашето размислување. Оваа инвестиција ќе обезбеди нова енергетска инфраструктура, стабилен систем и директен придонес кон интеграцијата на Северна Македонија во европскиот енергетски пазар. Нашата земја не само што ќе произведува за себе, туку ќе произведува и за регионот, рече во видео обраќањето Божиновска.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека по повеќе од една година тоа што го ветиле со инвеститорот денеска добива завршница на првата фаза. 

„Дисциплината е секогаш најважна, ако нема дисциплина и јасна поставена структура на еден проект тогаш нема ништо. Имаме уште многу идеи како оваа ивестиција може да додаде уште поголема вредност и за компанијата и за нас како држава“, рече Мицкоски.

Владата, како што наведе, сериозно е посветена на економијата бидејќи силно веруваме дека имаме огромен потенцијал кој може да не одведе со гигантски чекори напред. „Тоа го правиме и такви се првичните индикатори од почетокот на оваа година“, посочи премиерот.

Според вицепремиерот и министерот за транспорт и врски Александар Николовски, со реализацијата на оваа, како што истакна, најголема инвестиција во обновливи извори на енергија,  покажуваме дека како нација можеме да водиме големи проекти. 

„Во однос на економијата имаме директен и идиректен импакт, директниот е она што ќе се произведе и продаде и влегува во БДП, но индикректниот е многу поголем,  пред сѐ, за стопаството и индустрјата. Правилата на ЕУ во однос на зелената транзиција се дека во металната, челичната индустрија, кои придонесуваат најмногу за нашиот БДП дека веќе од 2026 година мора да се користи зелена енергија.  Во спротивно ќе се плаќа казна, за да го спречиме тоа, за да дадеме шанса на нашата економија да е конкурентна надвор вакви проекти ќе придонесат за да бидеме лидери и во индустриското производство“, рече Николоски. 

Во општините Штип, Карбинци и Радовиш се гради најголемиот ветерен парк во Западен Балкан кој ќе се простира на 326 хектари. Главни компоненти на проектот се дека ќе бидат изградени до 54 ветерни турбини, секоја со капацитет до осум мегавати со вкупна моќност до 396 мегавати.

Проектот треба да се развива во фази, ќе биде изградена трафостаница и ветерните турбини ќе бидат поврзани со трафостаницата преку подземни кабли односно 80 метри подземни кабли и ќе има изградено приближно седум километри 400 ватен далекоовод, кој ќе ја поврзува трафостаницата со постоечката национална мрежа.

Ветерниот парк којшто  го гради компанијата „Алказар Енерџи“ ќе биде со работен век од 25 до 30 години. 

„Алказар Енерџи Партнерс“ („AEP“) е независен менаџер на инфраструктурни фондови фокусиран на инвестирање и развој на средства за обновлива енергија од комунален обем на пазарите во раст. Од 2014 година, AEP успешно управува со два инвестициски инструмента: AEP-I, кој мобилизираше приближно 750 милиони американски долари во средства за ветер и соларна енергија, и AEP-II, кој заврши на 490 милиони американски долари во мај 2024 година и ќе мобилизира околу 2 милијарди американски долари во пазарите во раст.

Притоа, AEP ги собра јавните и приватните инвеститори од сини чипови низ Северна Америка, Азија, Европа и Блискиот Исток, при што 80 проценти од инвеститорите имаат рејтинзи AAA или AA, за да создадат финансиски привлечни инвестициски можности на пазарите во раст. AEP сега има кумулативно портфолио од обновлива енергија од повеќе од 4 GW.