Кај кои фирми доцни повратот на ДДВ: Еве што велат Петрова и Димитриеска-Кочоска
На фирмите кај кои не се утврдени нерегуларности, им се исплаќа повратот на ДДВ согласно законскиот рок од 30 дена. Доцнењето кај некои фирми се должи на дополнителните контроли што се прават од страна на надлежните институции, тврдат од Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи.
Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова вели дека овој процес се одвива континуирано, но дека се вршат контроли. Онаму каде нема нерегуларности, се исплаќа повратот на ДДВ. Наследиле и неодобрени, како и нереализирани, а одобрени побарувања.
Две компании, како што беше посочено на денешниот брифинг со новинарите, стојат на листата и се проверуваат поради милиони суми.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е задоволна од сработеното во изминатите шест месеци на институциите што се под надлежност на Министерството за финансии.
Како што беше посочено на средбата со новинарите, има зголемена наплата на даноците, како и поголем број на заплени од страна на Царината управа и поголем број на поднесени кривични пријави до Обвинителството. Финансиската полиција во 2024 година поднела 34 пријави за направени штети од 920 милиони денари од кои 22 пријави за направена штета од 614 милиони денари се во периодот откога на функцијата е поставен новиот директор на Управата за финансиска полиција.