Кај граѓаните што скенираат сметки месецов ќе легнат близу 500 милиони денари

Фото: Б. Грданоски

Речиси 500 милиони денари овој месец ќе легнат на сметките на граѓаните по основ на поврат на ДДВ, врз основа на скенирање сметки преку МојДДВ во текот на третото тримесечје и за време на мерката Викенд без ДДВ што се реализираше на 10, 11 и 12 октомври, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки. За третото тримесечје повратот е 430 милиони денари, додека од Викендот без ДДВ нешто над 63 милиони денари. 

-Во текот на ноември Управата за јавни приходи ќе спроведе исплатата за финансиски средства по основ на враќање на дел од данокот за додадена вредност за месеците јули, август и септември 2020 година, согласно Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица, информираат за МИА од Управата за јавни приходи.

Оттаму додаваат дека во текот на ова трето тримесечје во месеци јули, август и септември 2020  остварен е промет од  29,8 милијарди  денари, од кои прометот од македонски производи изнесува  7,8 милијарди денари, а прометот од останати производи изнесува  21,9 милијарди денари.

-На граѓаните, како што наведуваат за МИА,  за ова тримесечје  ќе им се врати, односно исплати  околу 430 милиони денари, како дел од ДДВ што го оствариле граѓаните од скенирани фискални сметки во јули, август и септември 2020 година.

Во текот на овој месец се очекува исплатата и на поврат на ДДВ од остварениот промет за време на Викеднот без ДДВ. За ова се чека на донесување на ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура и за кој веќе се расправа на пленарна седница. Расправата почна во четвртокот и веќе се расправа три дена, а најмногу согласно Деловникот може да трае пет дена.

-Мерката Викенд без ДДВ  е дел од четвртиот сет антикризни мерки, кои пак се условени од усвојување на ребалансот на Буџетот на РСМ во Собранието на РСМ. Штом ребалансот биде усвоен од страна на Собранието ќе се создаде законска можност за спроведување на мерките вклучително и оваа мерка и ќе се исплатат средствата. Сите граѓани кои оствариле право на враќање на целосниот износ на данокот на додадена вредност за време на ,,Викендот без ДДВ,  ќе им се исплатат финансиските средства  на нивната трансакциска сметки, истакнуваат од Управата за јавни приходи. 

Викендот без ДДВ се реализираше на 10, 11 и 12 октомври. Според податоците на УЈП во овие три дена вкупно 204 088 граѓани купиле  македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ.

Во Викендот без ДДВ остварен е промет од 558.176.715 денари со што граѓаните ќе остварат враќање на  ДДВ во износ од  66.853.929  денари.

Во Викеднот без ДДВ беа скенирани трипати повеќе  фискални сметки и беше остварен  9,5 пати поголем промет од македонски прозиводи во однос на истиот викенд од минатата година.

Викендот без ДДВ беше првата мерка од четвриот пакет антикризни мерки кои се во вредност од 470 милиони евра и чија реализација чека на усвојување на ребалансот на буџетот, а целта да се придонесе за намалување на ефектите од ковид-кризата и да се поддржат граѓаните и стопанството.