Каевски: Завршува тендерската постапка за училишните базени за шест општини


Проектот за изградба на затворени училишни базени стартува кон крајот на октомври во шест општини.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски вели дека Кисела Вода, Ѓорче Петров, Битола, Штип, Кичево и Тетово се првите општини, зашто тие ја имаат завршено постапката со вадење на градежните дозволи.

Каевски вели дека во моментов е тендерската постапка, по што ќе се спроведе и аукција за фирмите, кои конкурирале. Откако ќе заврши постапката, кон крајот на наредната недела се очекува да се знае и колку ќе чини изградбата на еден затворен училишен базен. Очекува изградбата да тече брзо, бидејќи станува збор за мали базени кои се наменети за учениците, но и за рекреативците и пливачките клубови.

-Останатите како Аеродром, Карпош, Струмица, Прилеп, Велес, Гостивар и Неготино ќе бидат во следната фаза, вели Каевски.

Затворениот училишен базен во Штип ќе се гради кај спортската сала „Јордан Мијалков“, наместо во дворот на основното училиште „Димитар Влахов“ во Штип. Со изградбата на базенот, во план е и изградба на сала за боречки вештини на локацијата кај салата „Јордан Мијалков“.

Каевски подвлече дека поддршката што ја добива штипскиот каратист Емил Павлов и неговиот тренер Арсовски на сите меѓународни натпревари ќе предложи, а веќе и предложил да им се додели еднокртана парична награда, со што дополнително ќе се стимулираат и успешно да ги надминат предизвиците.

-Пред се овде е турнирот во Париз, којшто ќе се случи наредната година некаде во мај, каде што таму сето ова треба да се финализира и да се круниса со норма за олимписките игри во Токио 2020 година, вели Каевски.
Во меѓувреме, Агенцијата и Карате федерацијата на каратистот Павлов му овозможуваат и најдобри подготовки пред големите турнири.