Каевски: Од Буџетот ќе се исплаќаат по 14.500 денари за април и мај за спортистите и спортските работници


Владата вчера донесе уредба со која се утврдува исплаќање на финансиска поддршка од Буџетот во износ од 14.500 денари за спортистите, стручните лица и спортската администрација за април и мај годинава. Исплатата ќе се врши врз основа на статус на вработено или ангажирано по договор лице во клубови и национални спортски федерации кои имаат решенија за вршење дејност спорт. Со неа ќе бидат опфатени сите лица кои со било каков договор се ангажирани во федерациите и во клубовите, информира директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.

-Вонредните времиња, бараат вонредни мерки. Токму затоа во изминатите недели бевме насочени кон креирање пакет мерки и уредба која ќе помогне спортот да се одржи во вакви тешки времиња. Ова е главна мерка која значи директна помош од 14.500 денари за април и мај, средства наменети директно  за спортистите и спортските работници со цел да се зачуваат нивните работни мести и олеснување на работниот процес во овие кризни времиња, рече Кавески на денешата прес-конференција во Владата.

Сите лица кои спаѓаат во оваа категорија, нагласи, до 15 април треба по електронски пат да достават барања за исплаќања на финансиска поддршка до националната спортска федерација, а националните спортски федерации во рок од седум дена ги достават барањата со потребната документација до Агенцијата за млади и спорт (АМС).

-Формуларот за барањето и целокупниот процес ќе биде објавен на веб-страницата и јавните гласила на АМС и националните спортски федерации, појасни Каевски.

Покрај оваа мерка, додаде, креиравме и дополнителен пакет мерки, со кои, како што рече, веруваме дека ќе се олесни работата и функционирањето на клубовите во оваа тешка состојба.

-Помош за април и мај во износ од по 14.500 денари од АМС ќе добијат сите клубови кои имаат регистрирано минимум 40 млади спортисти до 18 години во индивидуалните спортови, односно имаат регистрирано минимум 80 млади спортисти до 18 години во екипните спортови. АМС ќе обезбеди финансиски средства за реализација на националниот спортски систем на сите национални спортски федерации по завршувањето на кризата до крајот на 2020 година. По завршувањето на пандемијата АМС покрај редовната поддршка ќе ги финансира програмите на индивидуалните врвни спортисти на олимписките спортови, односно тренажниот и натпреварувачкиот процес за 2020 година, рече Кавески.

Посочи дека АМС ќе поднесе предлог до Владата за 50-процентно намалување на цените на услугите за спортските објекти што се во надлежност на институциите, како и препорака за истиот принцип на функционирање до општините и локалната самоуправа.

-АМС во соработка со федерациите ќе ги ослободи клубовите од плаќање годишна членарина или котизација која имаат обврска да ја платат до крајот на 2020 година. Со пакетот мерки ќе се овозможи одржување на спортот во оваа тешка ситуација, задржување на работните позиции и олеснување на работата со цел подобро и без големи последици да се надминат предизвиците, рече Каевски.

Прашан дали се уште ќе важи ваучер системот, Каевски посочи дека продолжува да важи и додаде дека ваучерите и понатаму ќе бидат вистински проект кој вистински ќе ги сервисира потребите на спортските клубови и федерациите.

-Дополнително ќе се вложиме по завршувањето на кризата за реализација на сопртскиот ваучер, потенцира Каевски