Каде живеат младите во Македонија?
Резултатите од последниот спроведен попис на население во 2021 година покажаа дека во Македонија има 1.8 милиони жители или намалување од околу 180 илјади жители споредено со последниот одржан попис во 2002 година кога биле околу 2 милиони жители1. Сепак, иако бројот на вкупно население се намали за околу 9%, процентот на младо население во возрасната група 15-29 години забележа диспропорцијално поголемо намалување.
Па така на пример, бројот на младо население во Македонија се намали драстично во последните 2 декади. Пописот во 2002 година регистрираше 480,828 млади на возраст од 15-29 години, додека за време на пописот во 2021, младата популација броеше само 326,733 или се намали за преку 150,000 жители.
Сепак, намалувањето на младо население не беше секаде исто. Така на пример, некои општини забележаа драстично поголемо намалување за разлика од други, во трети општини пак, пописот во 2021 регистрира зголемување на младото население. Такви на пример се: општините Студеничани и Арачиново.
1. Младите во Македонија на возраст од 15-29 години претставувале 17.8% од вкупното население во 2021 година. Европскиот просек во 2021 година бил 16.3%2.
Анализа на општинско ниво покажува дека некои општини како на пример Ново Село и Дебрца имале околу 13% млада популација од вкупната популација во општината, или далеку под националниот просек. Од друга страна, во Арачиново и Липково, скоро ¼ (една четвртина) од општинското население се млади на возраст 15-29 години, што е далеку над просекот. На мапата подолу се прикажани детално процентите на младо население како процент од општинското население.
2. Општини со најмал број на млади се Новаци, Лозово и Зрновци каде во 2021 година имало помалку од 400 млади. Загрижува фактот дека во 23 од 80 општини во државата има помалку од 1,000 млади.
График 1: Општини со помалку од 1,000 млади
Извор: ДЗС, авторска обработка
3. Општина Куманово со 18,720 млади, има најголем број на млади во Македонија (ако се изземе градот Скопје– 91 илјада млади), потоа следат Тетово – 17,487 и Битола -13,320.
График 2: Општини со најмногу млади
Извор: ДЗС, авторска обработка
4. Просторната анализа на општини со најголем пад на бројноста на младо население покажува дека општините кои се подалеку од подрачјето на Скопје, имаат поголем пад на младо население за разлика од оние кои живеат во околината на Скопје и/или поголемите градови.
Па така на пример, општините Маврово и Ростуше, Ново Село и Центар Жупа, доживеале најголем пад на бројноста на младо население, од преку 60% во последните 2 декади.