Каде води војната на Трамп во Иран?


Доналд Трамп е под притисок да ја изнесе својата визија за Иран, во услови на тековни напади врз земјата и извештаи за првите американски жртви од почетокот на неиспровоцираните воени напади на САД и Израел. Критичарите на Трамп бараат Белата куќа да даде поголема јасност за тоа што следи. Противниците и аналитичарите велат дека недостатокот на јасен план досега создал опасност САД да бидат вовлечени во долготраен конфликт од типот што Трамп постојано ветуваше дека ќе го избегне.

„Ако администрацијата има план, искрено, тие сè уште не го откриле“, рече Алекс Ватанка, виш соработник и специјалист за Иран во Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон.

„Тој ќе мора да се движи во насока на поголем политички проект, кој не е само воен, туку и подлабок разговор во неговата администрација за тоа каков вид промена на режимот би можеле да донесат.

„Тогаш тоа нема да биде кампања од четири дена или четири недели или дури четири месеци. Може да биде нешто многу подолго.“

Трамп – кој постојано ја осудуваше инвазијата на Ирак во 2003 година како грешка – е критикуван затоа што не успеа јавно да го изнесе аргументот за започнување обновени напади врз иранските инсталации откако тврдеше дека ги „уништил“ неговите нуклеарни постројки во серија напади минатиот јуни.

Во неговите кратки забелешки за Иран во говорот за состојбата на Унијата минатата недела се осврна на заканите од неговата нуклеарна програма и балистичките ракети, но не спомена промена на режимот. Тој исто така рече дека би претпочитал да ги реши прашањата за наводната воена закана од Иран преку дипломатија. Сега демократите изразија стравувања дека одлуката за напад врз Иран би можела да биде неограничена без јасно наведена цел.

„Каде води сето ова?“, праша  Џим Хајмс, висок демократ во разузнавачкиот комитет на Претставничкиот дом.

„Можеме да го бомбардираме Иран заедно со Израелците подолг временски период, но во служба на што? Дали намерата е промена на режимот? Бидејќи нема многу примери за промена на режимот со бомбардирање, или, искрено, за американските воени сили кои всушност вршат промена на режимот на задоволителен начин.“

Вананка предупреди дека има мали изгледи за промена на режимот без режимот да се сруши „под сопствената тежина“ пред лицето на народното противење или САД да „стават војници на терен“, опција што тој предложи најдобро да се спроведе со користење на разузнавачки средства, а не со војници.

„Паметен начин [за спроведување на втората опција] би бил разузнавање предводено од истите луѓе што ЦИА ги има на терен [кои] им откриле кои се високите лидери што се кријат, каде се кријат, кога се кријат.Користете ги истите средства за да започнете со создавање нов сет на политичка динамика во режимот и во суштина да натерате луѓето да прифатат дека овој режим е исчезнат, дека нема да се врати на ист начин и во суштина да има еден вид политичка трансформација по таа линија. Потребни се многу инвестиции, а не е ни сигурно дека САД можат да го извршат тоа.“

Стивен Кеш, поранешен оперативен службеник на ЦИА, а сега шеф на „Стеди Стејт“ – организација на пензионирани американски службеници за национална безбедност – го нарече отсуството на план „многу загрижувачко“ и посочи дека Трамп можеби е повеќе заинтересиран за создавање услови за мешање во претстојните среднорочни избори во САД отколку за промена на режимот во Иран.

„Едно од нештата што сигурно ги научивме од сè, од Корејската војна преку Студената војна, преку Виетнам и секако во Ирак и Авганистан, е дека не е доволно да се започне војна, треба да се има план за завршување на војната“, рече тој.

Со потврденото убиство на најмоќната политичка фигура и врвен свештеник во теократијата, ајатолахот Али Хамнеи – заедно со мноштво други врвни режимски личности – Трамп рече дека оние што останале биле заинтересирани да разговараат.

„Тие сакаат да разговараат, а јас се согласив да разговарам, па затоа ќе разговарам со нив“, изјави тој за Атлантик. „Требаше да го направат тоа порано. Требаше да дадат она што беше многу практично и лесно да се направи порано. Чекаа предолго.“

Но, во средината на нападите врз Иран – и одмаздата на Техеран низ Блискиот Исток – тоа можеби нема да биде лесно.Повеќето од оние кои беа вклучени во претходните преговори беа убиени, рече Трамп.

„Повеќето од тие луѓе ги нема. Некои од луѓето со кои имавме работа ги нема, бидејќи тоа беше голем удар. Можеа да склучат договор. Требаше да го направат тоа порано.“

Коментарите се чини дека го поддржуваат ставот на Ватанка дека претседателот „нема план за промена на режимот“, туку наместо тоа бара „ослабен режим што нема да му наштети на никого“.

„Ако сакаше промена на режимот, има многу опозициски личности што може да ги донесе во Белата куќа и да каже: Овој човек ќе биде следниот владејачки лидер во Иран“, рече Ватанка. „Тој не го прави тоа, што нè тера да размислуваме, можеби сè уште размислува да [склучи договор со] истиот режим.“

Но, таа идеја би можела да биде поместена од иранската одмазда, што би можело да го принуди Трамп да усвои поцврст став за да избегне да изгледа слаб. Три американски војници беа убиени, а петмина беа повредени кога Иран возврати со бран напади во неделата.

Трамп даде експлицитна поддршка за „промена на режимот“ во својата видео порака со која ги објави нападите во саботата, но даде малку индикации за тоа како тоа треба да се случи освен што го повика иранското население да дејствува.

„Со години баравте помош од Америка“, рече тој. „Сега имате претседател кој ви го дава она што го сакате. Па, да видиме како ќе одговорите. Ова е моментот за акција. Не дозволувајте да помине.“ (Гардијан)