Каде ќе се кратат платите, а каде треба да се зголемат приходите. Еве што вели премиерот Ковачевски

Еден од начините за намалување  на трошоците е таму каде што има плати кои што се далеку над просекот треба да се намалат во ваква криза


Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

 

Претпријатијата и институциите кои што креираат загуби, а кои што мора да се покриваат со пари од буџетот, ќе мора да направат рационализација на трошоците, вклучувајќи ги и оние за плати, особено онаму каде што тие се над просекот, изјави денес премиерот Димитар Ковачевски. Истовремено, треба да се зголемат и приходите, особено онаму каде што не соодветствуваат на реалните потреби.

„Ние вчера имавме еден сет на фискални мерки и препораки кои што се однесуваат на намалување на расходите во Буџетот и зголемување на приходите, а се со цел да се ослободат финансиски средства за подобро и полесно справување со енергетската криза. Ние на почетокот на годината направивме антикризни мерки во износ од 400 милиони евра, вчера ги објавивме мерките во износ од 350 милиони евра што значи дека пакетот на антикризни мерки е 750 милиони евра кои што се директна финансиска помош за најранливите категории на граѓани, за ликвидност на малите и средни претпријатија и секако даночни олеснувања кои што значат помали даночни приходи за државата“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања  за време на презентацијата на новата инвестиција, фотонапонската централа на ГЕН-И.

Запрашан за кои институции станува збор и дали подразбира дека овие кратења на расходите и на јавните претпријатија се поради мерките за ранливите категории граѓани, Ковачевски рече дека во земјава има институции и претпријатија кои креираат загуби.

„Од друга страна постојат претпријатија и институции во кои што се креираат загуби и кои треба да се покријат од буџетот, и затоа сметавме дека и менаџмент тимовите на тие јавни претпријатија и институции треба да бидат на високо одговорно ниво и треба да ги намалат трошоците на своето работење и да ги зголемат приходите на компаниите кои што ги водат“. рече Ковачевски.

Тој посочи дека еден од начините за намалување  на трошоците таму каде што има плати кои што се далеку над просекот, во услови на ваква криза треба да се намалат, а таму каде што приходите не соодветствуваат на она што би требало да биде исто така да направат напор да ги зголемат приходите.

Вчера Владата донесе план за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст со политики, препораки, мерки и индикатори, со кој се задолжуваат сите буџетски корисници, а им се препорачува на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, во рок од две недели, да достават пополнет акциски план за консолидација на расходите согласно Планот за фискална одржливост.

Предвидени се, како што е образложено од страна на Министерството за финансии, политики, мерки и препораки за намалување на расходите, за зголемување на приходите, за единиците на локалната самоуправа и за јавните претпријатија и трговски друштва во државна сопственост, информира вчера владината прес-служба.

Како што беше објавено вчера, политиката за намалување на расходите, опфаќа Консолидација на расходите за плати и надоместоци, преку намалување за 10 проценти во однос на планираните средства за 2023-та година. Очекуван е фискален ефект, односно заштеда од околу три милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи.

Исто така, консолидација на расходите за стоки и услуги и нивно намалување за 20 проценти во однос на фискалната рамка за 2023 година, при што очекуваниот фискален ефект е околу три милијарди денари во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи. Воедно и консолидација на расходите за субвенции, трансфери, дотации и социјални надоместоци и нивно намалување за 20 проценти во однос на фискалната рамка за 2023 година, при што очекуван фискален ефект е околу три милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи иСо политика за подобрена структура на капиталните расходи, пак се предвидува, квалитетно и навремено реализирање на капиталните проекти.

Во делот на политиките за зголемување на приходите предвидено е, меѓу другото, оптимизација на даночниот систем, преку консолидирање и проширување на даночната основа кај директните и индиректните даноци и акцизите, намалување на даночната евазија и даночната арбитража и зголемување на даночната транспарентност.

И во делот на политиките за единиците на локалната самоуправа се препорачува намалување на тековните расходи. А, во услови на нарушено снабдување на пазарот на електрична енергија, општините да ја разгледаат можноста за спроведување на централизирана набавка на електрична енергија за институциите под нејзина надлежност, со цел постигнување пониска цена во снабдувањето со електрична енергија, како и буџетските единки основани од општината, да пристапат кон заеднички набавки за електрична енергија. (Н.В.)