Каде ќе расте Арчи: Новиот дом на Меган и Хари во Монтесито

САД– Принцот Хари (35) и Меган Маркл (38) живееја во родната куќа на Меган во Лос Анџелес по напуштањето на кралските должности. Сега тие си купиле и се преселиле во новиот дом во Монтесито во близина на Санта Барбара, скап крајбрежен град северно од Лос Анџелес, пишува Си-ен-ен.

„Двојката се пресели во семејниот дом во јули годинава и се смести во тивка приватност на нивната заедница. Тие се надеваат дека тоа ќе се почитува поради нивните соседи, како и поради нив како семејство“, изјави нивниот портпарол за американските медиуми.

Според списанието „Пипл“, нивниот дом се наоѓа околу 150 километри северно од Лос Анџелес, а во градот живеат и Опра Винфри (66) и Елен Деџенерис (62). Имотот во Монтесито, кој се состои од куќа со девет спални и 16 тоалети, базен, игралиште и градина со рози, го купиле 14,65 милиони долари.

„Тие сакаат таму да го подигнат Арчи и се надеваат дека ќе имаат што е можно понормален живот. Хари и Меган никогаш немале намера да живеат во Лос Анџелес“, изјави близок пријател на двојката, пренесува „Пипл“.

Војводата и војвотката од Сасекс се преселија во Калифорнија од Канада кога во јануари објавија дека имаат намера да се повлечат од кралските должности и да работат за да обезбедат финансиска независност.

Тие рекоа дека сакаат во Калифорнија да направат нешто што има смисла и што е важно и дека имаат намера да ја отворат непрофитната организација Archewell.