Каде ќе работи новиот Оркестар за џез музика?


Фото: Б. Грданоски

Каде ќе работи новиот Оркестар за џез музика, за кој владата даде зелено светло за формирање  пред десет дена? Ова прашање се поставува откако вчера  вработени во Филхармонијата преку соопштение до јавноста реагира на одлуката на владата, Оркестарот за џез музика кој произлегува од Здружението на џез музичари на Македонија, да биде сместен и да работи во објектот на оваа национална установа. Во дописот велат дека ја поздравуваат владината одлука за формирање Оркестар за џез музика, но потенцираат дека смесувањето под заеднички кров е несоодветно и дека повеќе ќе направи штета отколку корист. Според нив нема просторни, ниту технички капацитети двете установи паралелно да делуваат во ист објект.

-Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија  чии вработени ги извршуваат работните задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата) кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот, наменети за оваа цел. Имено, во објектот има точен број на соби за вежбање, кои се направени со прецизни акустички мерења за секоја група инструменти одделно, велат во дописот од Синдикатот на Филхармонија.

Ограничени се и другите капацитети во објектот, стои во соопштението.

-Покрај собите за вежбање, имаме и 4 гардероби – 2 женски и 2 машки, чиј просторен капацитет е целосно исполнет, согласно бројот на вработени во оркестарот.Исто така, капацитетот на просториите во кои се сместени вработените во делот на администрацијата и техничката служба, е целосно исполнет. Во објектот има и нототека, која тековно се пополнува со нотна литература и веќе кубури со простор, како и студио за снимање, за чии потреби  беше пренаменета една од просториите за вежбање. Постои и кафетерија која што е дадена на користење, а која според проектот треба да се користи за цели на вработените и гостите на институцијата.

Од ЗЏМ за Телма велат дека очекуваат Министерството за култура и владата да испитаат дали постојат можности за заеднички живот на двете национални установи во една зграда и се надеваат на решение.

-Очекуваме Министерството за култура заедно со владата да испитаат  дали постојат услови  двете установи да работат во истата зграда. Во овој момент јас како претставник на ЗЏМ немам никакви ингеренции  да ја коментирам одлуката на владата  и ставот на вработените во Филхармонијата. Се надевам дека ќе се најде решение што ќе биде најдобро за сместување на Оркестарот за џез музика, вели претседателот на ЗЏМ, Гоце Стефковски.

А, од Филхармонијата предлагаат Оркестарот за џез музика да биде сместен во објектот на МРТВ, во просториите каде во минатото работеше Џез (Ревискиот) оркестар, додека не беше укинат.

Од Министерството за култура  одговараат дека е во постапка правното формализирање на Оркестарот за џез музика.

-Начелно, објектот на Филхармонијата, како најсродна институција до новоформираниот оркестар е предложен за користење до конечното формирање на установата, велат од министерството.

Од таму очекуваат, колегите од двата оркестри да покажат меѓусебно разбирање во оваа првична фаза за новата установа која со својата дејност веќе ја збогатува македонската музичка култура, до конечното решение за нејзините потреби во делот на непречено административно и концертно дејствување.