Каде исчезна слоганот „Горда Македонија“ и гордоста, праша Филипче од Ѓорче Петров
Вечерва од граѓанската трибина во Ѓорче Петров, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче зборуваше за лагите и големите ветувања на ДПМНЕ дека граѓаните и Македонија ќе бидат горди. „Само година и половина подоцна никој не е горд“, рече тој.
„Зошто немаат слоган ‘Горда Македонија’? Затоа што никој не е горд на урнисаниот животен стандард, на измамите со пензиите, на дивеењето на цените и стагнацијата на платите. Помина речиси година и пол откако Мицкоски и неговата банда ја преземаа власта. Никој не е горд на тоа што 17.000 луѓе се иселиле за една година, или за тоа што им се должат 700 милиони евра на компаниите од ДДВ, бидејќи буџетот е празен. Нема гордост ни на меѓународна сцена. Ветуваа дека ќе ја стават Бугарија во ќош, дека ќе обезбедат подобри услови во преговорите, а денес од тоа нема ништо. Има само нејасен пат напред, без јасна насока каде оди оваа држава“, рече Венко Филипче.
„Го гледам Мицкоски, од уста не ме вади во оваа кампања. Човекот изгледа не може да сфати дека е на власт и дека треба да промовира што направил, а не да се занимава со опозицијата. Секој ден нова измислена афера по стариот терк, но сега веќе никој не му верува. Кога немаш ниту едно дело, останува само да плукаш. На Мицкоски треба да му биде едно јасно: граѓаните не живеат од неговата пропаганда“, порача Филипче.
Тој нагласи дека ова не е време за апатија, туку време да се допре до секој човек кој ја чувствува неправдата од оваа власт.
„СДСМ е единствената сила која може да ја врати надежта“, порача Филипче.
„На овие избори имаме шанса да испратиме силна порака до овие арогантни луѓе кои ја преземаа власта – дека народот не се предава и не молчи. Дека не може да прават што сакаат. Да испратиме силна порака дека социјалдемократијата живее и дека од овие избори започнува падот на оваа ненародна власт која изгуби контакт со реалноста“, нагласи Филипче.
Филипче додаде дека СДСМ останува чувар на граѓанските вредности и демократијата и дека партијата ќе продолжи да се спротивставува на сите обиди за потценување на народот и уништување на надежта за подобра иднина.
Кандидатот за градоначалник на Ѓорче петров, Костадин Ацевски, рече дека актуелниот градоначалник ја однесо општината во амбис, а од ветеното нема ништо.
„Не е решен проблемот со притисокот на водата. Нема алтернативно сообраќајно поврзување за Волково, Ново Село, Кисела Јабука и Даме Груев со останатиот дел од општината и градот. Нема нови кружни текови. Ама затоа има нови згради. Сè повеќе и повеќе. Сè помалку паркинг, сè помалку слободни пешачки патеки и сè помалку зелени површини“, потенцираше Ацевски.
Од трибината во Ѓорче, Ацевски побара шанса од граѓаните за хуман развој на општината, каде што човекот ќе биде пред профитот, а интересите на граѓаните ќе бидат пред интересите на инвеститорите.
Во своето обраќање тој истакна дека овие избори се историски важни не само за СДСМ, туку и за целата држава, бидејќи народот има можност да испрати силна порака против ароганцијата и самоволието на власта.