Каде исчезна десниот центар?
Многу американски граѓани на крајот гласаа за екстремната десница без нужно да сакаат да ѝ дадат мандат
Играта за барање виновник е во полн ек. Стратезите од фотелја сигурно знаат дека Камала Харис требало да го жртвува Џо Бајден, да го посети Џо Роган или – омилен аргумент на самопрогласените центристи – да се дистанцира од идентитетската политика. Се разбира, многу е важно да се утврди зошто овој пат не излегоа луѓето кои гласаа за демократите во 2020 година. И ние треба да го објасниме (а не да шпекулираме за) успехот на Трамп, особено меѓу латино мажите.
Сепак, едно поголемо прашање заслужува барем исто толку внимание: зошто она што меѓународните набљудувачи го препознаваат како централнодесничарска опција се чини дека исчезна од американската политика? Зошто беше единствениот избор во 2024 година помеѓу крајната десница и нејасно прогресивната (сигурно недоволно прогресивна за прогресивците) централна партија?
Со други зборови, зошто потокот републиканци кои ветија дека никогаш нема да го поддржат Трамп не успеа? На крајот на краиштата, меѓу самопрогонетите и протераните, движењето имаше креативни политички умови и, барем за одредено време, доста пари.
Дел од одговорот е дека тие никогаш навистина не се помириле со историјата на повоената американска десница (што исто така ја прави одлуката на Камала Харис да ги прифати Чејниевци политички и морално сомнителна). Кога се во недоумица, републиканските противници на Трамп се враќаат на идеализирање на Роналд Реган или Џон Мекејн. Тие наводни морални икони треба да бидат контраст на Трамп. Тие служеа и како идеолошки амалгам на понуди од десниот центар: про-бизнис, одбранбени инвестиции, конвенционални семејни вредности (така што мажите, исцрпени од натпреварувањето на пазарот, ќе добијат заслужен одмор за воините).
Згодно се изоставува долгогодишната посветеност на републиканците за „стратегијата на југот“, што ќе рече, допирањето до оние кои беа отуѓени (благо кажано) кога демократите се свртеа кон промовирање на граѓанските права.
Во голема мера се заборава дека Реган се спротивстави и на Законот за граѓански права и на Законот за правата на глас. Луѓето родени по 1960-те можеби не го сакале Реган, но веројатно го паметат како шармантен, грижлив тип кој постојано зрачеше со оптимизам. Но, погледнете ја снимката на Реган како гувернер на Калифорнија и ќе видите човек кој врие од незадоволство и изговара зборови што не се разликуваат од она што екстремната десница денес го кажува за „либералните институции“. Во една пригода, со цел да се воспостави ред во колеџот, тој јасно стави до знаење: „Ако е неопходно крвопролевање, ајде да завршиме со тоа“. Својата изборна кампања во 1980 година ја почна во Мисисипи – во близина на местото каде што во 1964 беа убиени тројца активисти за граѓански права – и го поддржа „правото на државите“ (наспроти федералните овластувања).
Мекејн можеби се појавува во историските книги како чесен бранител на демократијата и човековите права на меѓународно ниво, па и како неочекуван спасител на законот за здравствено осигурување на Обама за време на првиот мандат на Трамп. Но, тоа е и човекот кој ни ја донесе Сара Пејлин, трампистката пред Трамп. Постојано се вели дека десничарските елити можат да го ослабат или зајакнат десничарскиот популизам по своја волја – и честопати отворениот расизам, но на крајот тие создадоа нешто што не можат да го контролираат. Според зборовите на еден аналитичар: Трамп не ја киднапираше Републиканската партија – тој ја разбра.
Денес, навидум умерените републиканци знаат дека не можат да победат на избори без движењето МАГА. Глен Јанкин, поранешен шеф на инвестициската групација „Карлајл“ и наводно републиканец од стар ков, играше на картата на конзервативизмот со човечки лик кога се кандидираше за гувернер на Вирџинија. Подоцна се испостави дека тој штотуку ја делегирал валканата работа на вознемирување на луѓето со глупости за критичката теорија на раса на теренски оперативци. Се чини дека обожувачите на Јанкин мислат дека ќе успее стратегијата што веќе пропадна – да се потхранува гневот на луѓето, но да го контролира растот на радикално движење. Во прашање е секогаш истата илузија дека елитите ќе ги држат работите под контрола.
Новиот феномен е делумно антиавторитарна десничарска младинска култура. Зошто да носите вратоврска како приправник во Конгресот, да се наполните со купишта хартија и да им се удоволува на здодевните старци, кога можете да бидете инфлуенсер кој го промовира безгрижниот начин на живот на момчето измешан со токсична политика (и попатно да наплатите неколку реклами)?
Новата онлајн анти-авторитарна култура нема многу врска со либертаријанизмот, кој коалицијата на Реган може сè уште да го присвои. Долго претпоставувавме дека антиавторитарниот етос е нужно прогресивен. Тешко ни е да се согласиме со неговата изразито десничарска верзија – онаа која не е „конзервативна“ во ниеден смисол бидејќи се заснова на непочитување на институциите и тролање противници.
Некој како Ники Хејли најверојатно ќе ја победеше Харис, со оглед на глобалното незадоволство, оправдано или не, со властите во многу земји низ светот. Фактот дека Хејли на крајот го поддржа Трамп беше уште еден доказ за дефетизмот на традиционалните републикански елити. Самопрогласениот десен центар нема одбрана од Трамп. Изгледа дека е неподготвен да ја напушти дволичната игра што изворно го овозможи трампизмот.
Резултатот е дека многу американски граѓани на крајот гласаа за екстремната десница без нужно да сакаат да ѝ дадат мандат. На некои им се допаѓа мешавината на суровост и тенко прекриена корупција. За многумина тоа е премногу. Но, Трамп го зграпчи целосниот мандат за она првото.
(Јан-Вернер Милер е професор по политика на Универзитетот Принстон и писател. Текстот е објавен во „Гардијан“.)