Каде е тужбата за „Бехтел и Енка“, го прашува Филипче Мицкоски
„Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство кое еден Македонец може да го направи“, вели лидерот на СДСМ

„Да се биде авторитарен значи да се биде врховист, а никако патриот. Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство кое еден Македонец може да го направи“.
Оваа остра реакција на лидерот на опозицијата, Венко Филипче, по синоќешниот говор на премиерот Христијан Мицкоски означува забележителна промена во политичката артикулација на СДСМ во однос на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во објавата на Фејсбук по говорот Филипче напиша дека Мицкоски зборува за раст на економијата. „Јас не верувам дека постои барем еден човек надвор од неговото опкружување што верува во оваа приказна. Според Евростат, Македонија е земја со најлош животен стандард во Европа. Стагнираат платите, дивее инфлацијата, државниот долг е зголемен за седум милијарди евра“, вели Филипче.
Мицкоски синоќа во говорот при одбележувањето на 35-годишнината од формирањето на партијата во амфитеатарот во Хераклеа рече: „Ние сме новата надеж. Ние сме промената која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Денес со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа со четвртиот највисок економски раст на бруто домашниот производ“.
Филипче го прашува Мицкоски каде е тужбата за „Бехтел и Енка“ која толку пати ја најавуваше додека беше во опозиција. „Сега дури и Трајко Славески најави дека ќе се зголеми трошокот за тој проект за 700 милиони евра, од 1,3 милијарди како што беше договорено на 2 милијарди евра. Кој се ‘вгради’ со проценти во овој договор?“
Осврнувајќи се на слоганот „Најдоброто допрва доаѓа“ од говорот на Мицкоски Филипче вели дека тоа е „најлошиот слоган за кампања и потценување на интелигенцијата на граѓаните. Што е тоа што ‘допрва ќе дојде’? Не беа доволни четири години локална власт и една година централна власт за да направите нешто?“. И додава:
„Срамно е Мицкоски да зборува за правда. Направи сè за да ги скрие од одговорност неговите луѓе кои се директно одговорни за најголемата трагедија во историјата на модерна Македонија. Луѓе кои биле финансиери на партијата“.
Лидерот на СДСМ одговори и на обвинувањата од Мицкоски дека ја кодошел државата во странство, конкретно во Атина, кога изјави дека во Македонија има обид да се воспостави авторитарно владеење.
„Тоа што Мицкоски пробува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и тоа што на меѓународна сцена беше откриена таа негова намера не е ‘кодошење’ туку патриотизам. ВМРО, НОБ и АСНОМ се генеза на борци против диктатура, авторитарни режими и врховисти.
Да се биде авторитарен значи да се биде врховист, а никако патриот. Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство кое може еден Македонец да го направи“, вели Венко Филипче.