Каде е кртот?

Фото: Б. Грданоски

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција мора што побргу да одговори како исказ даден во истрага која сè уште е во тек осамна на портал, велат правните експерти. Според нив, објавувањето на записникот од сведочењето на сведокот во случајот „Рекет“, Орце Камчев, не би требало да ја искомпромитира истрагата затоа што во целиот случај има други докази, но неопходно е брзо да се најде сторителот на овој престап и да се побара негова одговорност со цел да се стесни просторот ваквите намерни фаули да се повторат. Тие не се убедени во „успешна акција“, ако се има предвид, како што велат, дека ниту има одговор ниту, пак, очигледно некого го интересира како неодамна аудио и видеоснимките од домот на Камчев завршија во италијанскиот весник „Ла Верита“.

Во првата страница од објавениот записник Камчев раскажува за почетокот на средбите со осомничениот Бојан Јовановски и нивната комуникација. Не се споменуваат други имиња ниту, пак, функционери на владејачката партија СДСМ. Но имињата на премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и на потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, кои се појавија во новинарскиот текст не се поткрепени со објавување на тој дел од документот. Новинарот раскажува случувања непотврдени со документи, што беше доволно сите да најават тужби за клевета доколку нема извинување.

Според реакцијата на Обвинителството, можни се два извори од каде би можел да биде испратен записникот – од самото обвинителство каде што се наоѓа оригиналот и од судот, каде што е испратена копија. Обвинителката Вилма Русковска ја потврди веродостојноста на сликата од објавениот записник за која постојат сомнежи дека е направена од мобилен телефон, но останатите заклучоци и коментари не сака да ги коментира. Одредени извори велат дека дел од објавеното ниту го има во записникот ниту, пак, произлегува од содржината на записникот.

Други извори, пак, тврдат дека при барањето притвор во претходна постапка за тројцата засега осомничени Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец и Катица Јанева, таков исказ од предистрагата воопшто не дошол во Кривичниот суд бидејќи постапката е тајна. Од Кривичен официјално велат дека денеска ќе се направат проверки дали записникот од сведочењето на Камчев пристигнал во нивната архива.

„Судот ќе направи интерни проверки за да утврдиме дали воопшто во судскиот предмет сме го имале или не спорниот записник“, вели претседателот Иван Џолев.

Тој не сака да навлегува во коментари за истрагата за тоа од каде протекол документот бидејќи смета дека тоа се активности на Обвинителството.

Освен Обвинителството и судот, има и трета страна во случајот од каде што не е исклучено да протекол документот.

„Копија од исказот треба да има и сведокот, во случајов Орце Камчев, со чиј статус не се согласувам бидејќи за поткуп е виновен и тој што зема и тој што дава, како и неговите правни застапници. Истрагата треба да покаже од каде тој документ завршил во јавноста“, вели за „Независен весник“ поранешниот јавен обвинител Александар Наков.

Сето ова што се случува, според него, покажува дека институциите се стравотно порозни и функционираат како „швајцарско сирење“.

„За жал, и по промената на власта, не успеавме да воспоставиме целовитост и компактност во правосудниот систем. Гледаме на дело како практично функционираат паралелни системи, одредени џебови и ќелии кои одработуваат за некого. Тој проблем дефинитивно не е отстранет“, вели Наков.

Според него, истрагата за аферата „Рекет“ од непознати причини не се водела интензивно како што налага сериозноста на ситуацијата.

„Гледаме дека исказот на сведокот датира уште од самиот почеток на мај. Во овие четири месеци сигурно можеше повеќе да се направи, а не да се прават паузи за годишен одмор. Сето тоа му остава простор некому да го подготвува теренот и да дејствува по потреба, да прикрива и да вади докази. За тоа е виновен оној што ја води предистражната постапка, односно Јавното обвинителство“, смета Наков.

Според него, крупната афера „Рекет“, за која има многу шпекулации, која очигледно оди низ многу слоеви на нашето општество – економски, криминални, политички, има свој режисер кој скандалот го испланирал со цел уривање на СЈО. Тој нагласува притоа дека предметите не треба да паднат во вода туку дека започнатата работа треба да ја заврши редовното обвинителство.

Последните случувања на социјалните мрежи ги коментираше и адвокатот Александар Тортевски, кој нагласува дека без правна држава не може да се дојде до билет за ЕУ и НАТО, а премиерот Зоран Заев, според него, на најтешкиот начин разбрал дека почитувањето на правото е највисокиот приоритет.

„Помилувањата и амнестиите им дадоа ветер во едра на криминалците, па сега може да излезе дека и промената на името била залудна. Без правна држава не те прима никој“, вели Тортевски.

Додека дополнително се загрева атмосферата околу истрагата за случајот „Рекет“, бизнисменот Орце Камчев е во Бугарија. Според бугарските медиуми, тој те ужива во Банско те на јахта. Камчев слободно се шета откако специјалната јавна обвинителка Катица Јанева му даде дозвола за времен пасош, а таа потоа заврши во притвор. Обвинителката Лиле Стефанова деновиве изјави дека иако Камчев е осомничен во случајот „Империја“, таа поради „врзаните“ раце на СЈО нема овластување да знае каде е Камчев.

Ване Цветанов, пак, од „Зелена лупа“, чија цел е подобрување на ефикасноста и ефективноста на судството, смета дека во оваа лимбо-ситуација, ОЈО под итно треба да побара надлежност за случајот „Империја“, но и под итно да го замрзне целиот имот на Камчеви.

„Ако избегал Камчев, дел од имотот му е тука. Доволно Јавното обвинителство правеше будали од граѓаните и ја потценуваше нивната интелигенција. Дел од неговиот капитал сè уште е во државата“, коментира Цветанов, кој предлага Судскиот совет да свика итна седница и да ја разгледа точката со предлог за разрешување на претседателот на Врховниот суд – Јово Вангеловски, за да се превенира вето на преземањето на надлежност на „Империја“ од страна на ОЈО од СЈО. (Н.К.)