Каде бил Мицкоски кога се гласала резолуцијата за Македонија на ЕПП?

Практично ЕПП ги изброи како Бугари и македонските граѓани што имаат бугарски пасоши. Од ВМРО-ДПМНЕ не прецизираат каде се противеле, ако се противеле воопшто, на ваквата резолуција


 

Власта и опозицијата од утрово се обвинуваат за штотуку изгласаната резолуција на Групата на народни партии (ЕПП) во која се дава поддршка на започнувањето преговори со Македонија – но со исполнување на бугарските барања.

Иако оваа резолуција нема директно влијание на одлуките во Европската унија, фактот дека таа била донесена во присуство на Урсула фон дер Лајен, која е претседателка на Европската комисија, во присуство на 9 еврокомесари, меѓу кои и Јоханес Хан, и во прусуство на седум лидери на ЕУ кои на следниот самит ќе решаваат за преговорите на Македонија и за спорот со Бугарија, е силна порака дека Македонија ја нема зад себе поддршката на политичарите на народните партии, поточно дека таму подобро „се продава“ бугарската позиција.

Каде бил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кога се пишувала оваа резолуција и како ќе го објасни фактот дека секојдневно го критикува неуспехот на Владата да издејствува датум за преговори и ги критикува преговорите со Бугарија, а тој единствено што успеал да вметне во неа е – да не се судат членови на опозицијата, или попросто кажано на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа резолуција не е прв сигнал дека Мицкоски како опозиционер не успева да влијае на ставовите на народните партии, бидејќи и во резолуцијата на Европскиот парламент усвоена неодамна неговите пријатели од ЕПП беа главната гласачка машина зад амандманите кои ги поддржуваа бугарските ставови. И да се прифати ставот дека гласот на Мицкоски не тежи колку гласот на Бојко Борисов во ЕПП, тоа не може да го објасни фактот дека најтврдо зад Бугарија всушност застана владејачката партија на Австрија, од која доаѓа еврокомесарот Јоханес Хан, со која ВМРО-ДПМНЕ традиционално има многу добра соработа. Да не се споменуваат Јанез Јанша и ХДЗ од Хрватска…

Така, во резолуцијата усвоена од ЕПП меѓудругото се тврди дека во Македонија има дискриминација, дека Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија не се исполнува, дека во земјата треба да се почитуваат човековите права и слободата на говор, дека ни треба  „помирување со минатото“ и помирување со историјата, со „вишна на кремот“  – да нема поделби со тие што се изјаснуваат етнички и „по потекло“ како Бугари.

Практично ЕПП ги изброи како Бугари и македонските граѓани што имаат бугарски пасоши. 

Кај бил Мицкоски кога се пишувале и гласале овие ставови и дали се спротивставил воопшто на ваквите позиции – ѝ должи објаснување на јавноста, макар и такво дека не можел со своите ставови на надвладее над ставовите на ГЕРБ од Бугарија. 

Место тоа денес од ВМРО-ДПМНЕ се бранеа дека СДСМ во немоќ спинува документи на ЕПП, за да ги прикрие своите дипломатски неуспеси кои довеле до ќор-сокак. 

„Во делот фокусиран на Македонија, меѓу другото, највисокото политичко тело на Европската народна партија изрази сериозни грижи за злоупотребата на институциите за да се нападнат опозициските партии, групи и поединци. Партијата истакна дека во Македонија е потребно да се воспостави одговорен систем каде што судските служби се деполитизирани, а предметите се судат врз основа на објективни факти наместо политички интереси на разни групи. Во делот на реформите во Македонија, Политичкото собрание укажа дека декларативните изјави на тие кое се на власт не може да заменат искрени и транспарентни реформи.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше јасно кажан и на Конгресот на ЕПП, дека Македонија заслужува итно отпочнување на преговорите и дека не треба да се задираат идентитетски прашања. СДСМ поради кусогледост и болна амбициозност на нејзината врхушка им удоволи на оние кои го негираат македонскиот идентитет. Наместо европски и демократски вредности, СДСМ ги стави во договорната рамка историските и идентитетските прашања, кои сега се камен околу вратот на државата. ВМРО-ДПМНЕ, како и граѓаните во Македонија, јасно се противи и ќе се противи ваквите анахрони, недемократски и неевропски барања да бидат услов на македонската интеграција во ЕУ“, порачаа од оваа партија, без да прецизираат – каде се противеле, ако се противеле воопшто, и како дозволиле бугарските пасоши да влезат во резолуцијата?

Иако е неблагодарно да се бара одговорност на опозиција за нешто за што по дефиниција е поодговорна власта, тешко е и да се затворат очи пред фактот дека ни меѓу своите ВМРО-ДПМНЕ не успеала да ги одбрани позициите на Македонија и дека тоа отвора врата тие да станат дел од официјалната политика на Брисел.

Друго прашање е каков бил ставот и на Фон дер Лајен, бидејќи официјалната позиција на ЕК за спорот со Бугарија не соодветствува со тоа што се изгласало од ЕПП во Ротердам.