Кадар на ДУИ одговорен за повторното разгорување на „Дрисла“, инсинуира Мицкоски
Додека мирисот и чадот ги штипеше образите и очите на половина жители на Скопје, Стојанче Ангелов тврдеше дека тоа било магла

Утрово Скопје се разбуди под густ бел покривач од чад. Или од магла.
Додека граѓаните чувствуваа смрдеа, повторно мирис на пластика, чад и гуми, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, уверуваше дека тоа е редовна појава од магла во Ново Лисиче и делови од Аеродром, што се случува на почетокот на септември. И тоа на толку висока температура.
Иако му беше укажано дека тоа е редовна појава, но на крајот на октомври и почетокот на ноември, кога се јавува температурна инверзија, а не може да се случи денеска, кога сите на работа заминаа по куси ракави, сепак Ангелов упати на податоците од мерните станици кои покажувале само благо зголемување на параметрите на ПМ2,5 и ПМ10 честички. Според мерните станици на мрежата Air Care, вредностите биле во црвената зона. Највисоки биле во Лисиче, 90 микрограми на кубен метар ПМ 10 и 45 микрограми ПМ 2,5, и во Гази Баба 77 ПМ 10 и 32 Пм 2,5. Повисоки вредности на загадување има и во Аеродром, Мичурин и Реонски Центар.
Од друга страна пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, вината ја префрли кај ДУИ.
Утрово премиерот Христијан Мицкоски, кој излезе на прес-конференција од позиција на лидер на ВМРО-ДПМНЕ за да ја промовирање изборната коалиција за претстојните локални избори и документот „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“, повторно беше прашан што се презема против загадувањето од Вардариште и „Дрисла“ и секојдневните протести на граѓаните од Аеродром.
„Но, чудно е, чудно е! Сочувствувам со секој граѓанин којшто го чувствува ова, но чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи. Во одредени јавни претпријатија кадешто свои кадри има ДУИ, се случуваат вакви работи. Чудно е! И тоа ќе го истражиме, ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази како може пожар којшто беше речиси смирен, односно ставен под контрола, наеднаш да се распламти и како токму сега, откако успешно се справивме со пожарите. Во околните држави имаше жртви, повредени, иселени градови итн. – кај нас сето тоа, цело лето, беше успешно завршено и покрај диверзиите коишто ги имавме на почетокот на летото, наеднаш сега ова да се случува пред локалните избори. Вистинското прашање и вистинскиот одоговор е кому сето ова му одговара. Но, ние нема да се занимаваме сега, сега работиме да го решиме проблемот, потоа ќе се занимаваме, и да знаете дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Мицкоски, префрлајќи ја вината и одговорноста кај партија од опозицискиот блок.
Мицкоски е уверен дека апсолутно како Влада и како институции ги преземаат сите мерки, „да немате дилема“.
Тој повторно ги наведе тројцата приведени на Вардариште на кои ќе им се суди затоа што наводно палеле кабли за да стигнат до бакарот во нив.
Ја повтори мерката којашто ја презедоа за Вардариште, а за која според Ангелов Владата нема да се плати ни денар, но од изјавата на Мицкоски се гледа дека ангажманот на агенцијата за обезбедување е нарачан од неколку општини, па се претпоставува дека тие ќе платат.
„Од вчера има приватна агенција за обезбедување, здружено ангажирана од неколку општини. Истовремено како Влада и како институции преку општествено одговорни компании обезбедивме градежна механизација којашто денеска веќе ќе биде во полн состав таму. Вардариште, би рекол, е обезбедено, останува „Дрисла“. (Б.Б.)