Кацин: Ситуацијата со Ковид-19 во Словенија полека се стабилизира


Портпаролот на словенечката Влада Јелко Кацин денеска изјави дека бројот на тестирања за Ковид-19 не се намалува, но дека бројот на нови случаи покажува дека состојбата полека се стабилизира, што, како што рече, е охрабрувачки.

Тој на прес-конференцијата рече дека досега се забележани 11 локални извори на нови случаи, додека епидемиолозите имале проблеми со луѓе кои не сакале или не можеле да кажат како се заразиле со коронавирусот, пренесува СТА.

Кацин додаде дека растечките трендови на вирусот во Италија и Унгарија се повеќе загрижувачки, а исто така загрижува и ситуацијата во Хрватска и Босна и Херцеговина.

Според него, засега владата не планира да ја затвори границата како што направи минатата пролет, а не се разгледува ниту затворање на општините.

Исто така, Кацин информираше дека нема да се затворат училиштата до крајот на септември, како што се шпекулираше во јавноста откако неколку одделенија беа ставени во карантин.

Во последните 24 часа, во Словенија се евидентирани 42 нови случаи на коронавирус, што го зголеми вкупниот број на заразени на 3.232 од почетокот на пандемијата.

Во моментов, 546 случаи се активни во таа земја, а вкупно починале 135 лица.