Кацарска: Судиите требаше да бидат пример за солидарноста


Фото: Б. Грданоски

Зошто во сите истражувања на јавното мислење судството кај нас има најнизок рејтинг во општеството, а судската, според анкетите, е на врвот на најкорумпираните професии? Зошто луѓето не им веруваат на судиите? Зошто судството се смета за „џубокс“ на власта?

На оваа тема во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 дебатираа судијката Добрила Кацарска, адвокатите Драган Малиновски и Димитар Савовски и новинарот Саше Димовски.

– До кој степен е паднато правосудството зборува и случајот од Охрид каде судија за пресуда се испазари за 5.000 денари, откако не добил 10.000 денари! Така не би се исценкале ни на зелено пазарче. Во Струмица пак цената била малку повисока 250 евра – рече Димовски.

Добрила Кацарска рече дека и е непријатно како долгогодишна судијка да слуша како постојано се зборува за корумпирани судии?

– Ако толку многу се зборува за корупција, најверојатно таа постои во нашите редови. Немам доказ но, сепак се сомневам дека има судии кои се навистина корумпирани. Гледаме кој како живее, каде оди на летување и зимување во скапи европски центри – истакна Кацарска.

Таа нагласи и оти силно се залага за проверка на имотот на сите судии, но и на членовите на нивните потесни семејства, а и на пошироките, како на браќа, сестри…Според неа кога државата се наоѓа во вонредна состојба и заканувачки економски последици и судиите требаше да бидат пример за солидарност и да ја прифатат уредбата за намалување на платите, а не да тужат.

Адвокатот и поранешен антикорупционер, Драган Малиновски одговори на прашањето – дали кај нас, наместо квалитет и познавање на законите, за адвокатите често пресудни се добрите „линкови“ со судиите и врските за договарање тарифи.

– Присутно е и таквото „менаџирање“ со предметите. Тоа не може да оди „соло“, туку најчесто е линк адвокат-судија-вештак – нагласи Малиновски. додавајќи дека ветингот и проверката на имотот се неопходни, но не смеат да се злоупотребат и претворат во политичка пресметка како лустрацијата.Според Малиновкси поради коронавирусот ќе има застој, ќе се натрупаат голем број предмети и потребно е што поскоро да се прилагоди судството на мерките и новиот начин на живеење и однесување што го наметна пандемијата.

Неговиот колега Димитар Савовски рече дека најголемиот коруптивен елемент во судството била извршната власт и оти тешко ќе се постигне некакво подобрување без јасна поделба на извршната и судската власт. Се дотогаш владата и партиите ќе диктираат во судството.

– Не може само да зборуваме дека имаме сомнежи, а никој да не превзема мерки. Треба да се покрене постапка и да се посочат кои се тие судии со име и со презиме.. Имаме судии кои многу јасно ги соголија своите нечесни дејанија во бомбите, а сеуште судат- вели Савовски.

Да лежиш само еден ден на Инфективна ќе сфатиш колку е страшно потенцираше новинарот Мирче Адамчески, кој оздраве од коронавирусот.

– Лежев на Инфективна две недели. Дневно примав неколку инфузии и капсули тамифлу. Морам да кажам пофални зборови за лекарите на Клиника , за нивниот професионализам и односот кон пациентите полн со оптимизам, но, посебно треба да се издвојат медицинските сестри кои се ангели чувари на пациентите – рече Адамчески.

На тие кои се бунат дека мерките за борба со корона вирусот се строги тој им предложи барем една ноќ да поминат на Инфективна, да слушаат кашлање, кога ти се чини дека во болница ќе си ги искашлаш дробовите, офкања, очајни повици за помош…

– Ме вознемирува тоа што кон оние кои го прележале коронавирусот луѓето се однесуваат како кон лепрозни. Ги избегнуваат контактите со нив, не ги примаат на работа. Тоа загрижува – вели Адамчески.