Кацарска го собра државниот врв оти Уставниот суд функционира на граница од кворум


Уставниот суд е со четири судии помалку од предвиденото и оваа состојба трае повеќе од шест месеци. Со ваква ситуација Судот се соочува за првпат и со секој поминат ден граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијатвии и предмети се одложуваат, а Судот не може да одлучува, изјави денеска претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, по денешниот работен сосстано со претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Доколу до декември не се изберат судии, Кацарска рече, дека тогаш дефинитивно Уставниот суд е блокиран зошто со четворица судии нема да може да работи и одлучува.

Оваа состојба, нагласи Кацарска, не е проблем само за Уставниот суд, туку и на државата и очекувам поддршка и нивна заложба за побрзо надминување на ситуацијата.

–  Уставниот суд е независна институција и токму поради намерата да се заштити независноста и угледот на судот, неформални средби со политичари немаме и нема да има ниту во иднина. Затоа ќе ја информираме јавноста за секоја промена и сите апели и барања за поддршка, изјави Кацарска.

Уставниот суд, според Кацарска, функционира на граница од кворум и многу луѓе се засегнати од предметите кои заостануваат, како што е законите за социјална заштита, за јавно обвинителство, за даноци и одлуки за оспорување на ДУП-ови.

– Овој проблем е на штета на граѓаните. Состојбата е проблематична и во очите на меѓународната заедница. Апелирам Уставот да се почитува. Важни прашања, како што се Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците нема да бидат ставени на дневен ред на седница се додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд, изјави Кацарска.

– Во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови –  истакна претседателот Стево Пендаровски денеска при посетата на Уставниот суд на Република Северна Македонија на покана на претседателката на Судот, Добрила Кацарска.

За време на средбата, на која присуствуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски, Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, бил запознаен со тековните активности на Уставниот суд и предизвиците во неговата работа.

– Претседателката на Судот посочи на проблемите со кадровската неекипираност, а исто така ги претстави техничките услови за работа на судот и потребата за нивно подобрување, се наведува во соопштението.

На средбата биле пренесени и неколку иницијативи во однос на исполнувањето на надлежностите на судот, вклучувајќи ја можноста за воведување на уставна тужба со проширување на надлежностите на Уставниот суд.

Претседателот Пендаровски ја истакна потребата за скорешно надминување на предизвиците во работата на Уставниот суд, посочувајќи дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови.