Кац предупредува: Целиот град Газа ќе биде евакуиран ако Хамас киднапира уште еден Израелец
Целиот град Газа ќе биде евакуиран, а неговите жители ќе бидат преместени на југот од Појасот Газа доколку уште еден израелски државјанин биде киднапиран и однесен во Газа, предупреди денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац, наведувајќи дека разузнавачките информации покажуваат оти во моментов постојат планови за такво нешто.
Кац ова го изјави на комеморативната церемонија за војниците загинати во Јомкипурската војна во 1973 година, без да изнесе дополнителни детали.
Тој нагласи дека ги предупредува палестинската исламистичка група Хамас и нејзините поддржувачи, конкретно споменувајќи ги Иран и турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган.
– Ако биде киднапиран дури и еден израелски војник или цивил, целиот град Газа, со неговите куќи, терористички кули и со сите милион жители, ќе биде евакуиран на југ – рече Кац, предупредувајќи дека во таков случај Израел ќе постапи исто како и за време на војната во Газа.
Израелскиот портал „Инет“ објави дека на израелските војници во Појасот Газа им е препорачано да бидат повнимателни бидејќи Хамас би можел да се обиде да одговори на серијата целни убиства на високи членови на организацијата.