Кабинет на претседателот: Пендаровски во обраќањето не го дискредитира ЈО


 

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во своето обраќање на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ нема направено дискредитација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ниту пак постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек.

Потенцираме дека Претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакна дека ќе стори сѐ, за да ги заштити од евентуалните притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот „Рекет“.

Кабинетот на Претседателот Пендаровски уште еднаш укажа дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот „Рекет“ почитувајќи го начелото на презумпција на невиност.

Претходно денеска, Јавното обвинителство преку соопштение му укажа на Претседателот дека не е време за напади на институциите и нема да дозволат дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.

„Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото“, посочија од Обвинителството.