Кабинет на Џафери: Ја чекаме одлуката на Уставниот суд


Ние ја чекаме одлуката на Уставниот суд, како ќе решат тие така ќе биде, беше пораката од кабинетот на спикерот на Собранието, Талат Џафери, додавајќи дека како институција не се над Уставниот суд.  Реакцијата се однесува на иницијатива по службена должност на еден од судиите на Уставниот суд со која се бара да се расправа за поништување на одлуката за распуштање на Собранието, што ќе отвори пат за негово повторно свикување.

Џафери досега одбиваше да го свика Собранието, иако до него стигна такво барање од 35 пратеници во Собранието, сметајќи го тоа за неуставен чин. Повеќепати тој посочи на Уставниот суд како единствена адреса на која треба да се обратат тие што стојат зад ваквите барања.

Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, утрово потврди дека во среда  ќе имаат работен состанок на кој судиите ќе заземат став дали да ја прифатате иницијативата и под службена должност да поведат постапка за распуштањето на Собранието и распишувањето на изборите. Мурати не сакаше да прејудицира каква ќе биде одлуката.

Иницијативата по писмен пат, претседателот на Уставниот суд  ја добил во петокот со образложение дека Собранието треба да биде функционално, бидејќи не се одржале избори и со тоа неговото распуштање и распишувањето на изборите се беспредметни.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски,пак, посочи дека дека не треба да се прави правна гимнастика од нешто што е правно јасно, бидејќи во случај на распуштено Собрание, вонредна состојба поради пандемија и одложени избори, спикерот Талат Џафери, треба да донесе ново решение за избори, а старото да го поништи. Тој посочува дека тоа го налага правната процедура, бидејќи решението за избори е конкретен управен акт, кое поради правна и фактичка невозможност за извршување, „виша сила“ не можеше да се спроведе и да има избори на 12 април.За него уредбата договорена на последната лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, зад која застанаа сите партиски лидери, е регуларна и важи се додека не се заврши вонредната состојба. Во Членот 5 од Уредбата објавена во Службен весник стои:

„Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување на сила на оваа Уредба се сметаат за важечки“.(С.Ј.)