Јужнокорејско разузнавање: Ким Џонг-ун тежи над 140 килограми и долги години пуши цигари, но нема здравствени проблеми
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун има исклучително висока телесна тежина за која се проценува дека надминува 140 килограми, но засега не покажува знаци на сериозни здравствени проблеми, изјави денеска јужнокорејскиот пратеник Јун Кун-јонг, повикувајќи се на разузнавачки податоци од Сеул.
Здравствената состојба на Ким, кој е долгогодишен пушач и со години се бори со прекумерна тежина, како и можноста за негова ненадејна смрт, се честа тема на шпекулации во меѓународната јавност, пред сè поради нуклеарниот арсенал со кој располага Северна Кореја и високите тензии во регионот. Поинтензивни шпекулации за неговото здравје се појавија уште во 2020 година, кога тој ненадејно исчезна од јавноста на околу 20 дена. И неговиот татко Ким Џонг-ил и дедо му Ким Ил-сунг, од кои тој ја наследи власта во земјата, исто така имаа прекумерна телесна тежина, беа страсни пушачи и починаа од срцев удар.
Според јужнокорејскиот пратеник, иако Ким е под висок ризик од кардиоваскуларни заболувања, тој во моментов не покажува никакви физички тешкотии, вклучително и при енергично качување по скали. „Може да се заклучи дека нема никакви знаци на здравствени проблеми, имајќи го предвид внимателното и континуирано следење што го спроведува неговиот личен медицински тим“, додаде Јун Кун-јонг.
За животниот стил на севернокорејскиот лидер зборуваше и Пол Смарт, главен готвач во хотелот „Метропол“ во Ханој, кој соработуваше со личните готвачи на Ким за време на самитот меѓу САД и Северна Кореја во 2019 година. Тој уште тогаш откри дека Ким има голема склоност кон луксузна храна, што е во остра спротивност со трајниот недостиг од храна со кој се соочува неговата изолирана земја. „Тој сака кавијар, јастози и навистина луксузни производи, како гускин дроб. Навистина сака да си дозволува задоволства“, изјави тогаш готвачот, пренесувајќи ги деталите што му ги раскажале личните готвачи на севернокорејскиот лидер.