Јужна Кореја ги затвора ноќните клубови кои станаа жаришта на Ковид-19


Градоначалникот на градот Инчон во близина на Сеул нареди привремено затворање на клубовите, дискотеките и другите угостителски објекти, поради загриженост за втор бран на коронавирусот.

Парк Намчун, градоначалник на Инчон, изјави дека затворањето на објектите за ноќен живот ќе трае две недели и дека секој што ќе ја наруши наредбата може да биде осуден на затворска казна до две години или парична казна од 16.380 долари.

Слични чекори веќе се преземени во Сеул и провинцијата Кјонги, откако во последните денови беа откриени нови случаи на заразени поврзани со ноќни клубови во сеулската област Итевон.

Јужна Кореја вчера пријави 34 новозаразени, а за првпат во последниот месец, тој број надмина 30.

Властите соопштија дека 24 од 34 случаи биле поврзани со ноќни клубови во Итевон.