Јужна Кореја бара формален крај на Корејската војна и поддржува нов самит меѓу Трамп и Ким


Директните разговори меѓу САД и Северна Кореја се првиот чекор кон запирање на севернокорејската нуклеарна програма, изјави денеска јужнокорејскиот министер за обединување Чунг Донг-јанг, повикувајќи на поддршка за обновување на тој дијалог.

Чунг истакна дека денуклеаризацијата на Северна Кореја е во интерес на сите засегнати страни и изрази надеж дека односите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг ќе се развиваат во правец што во иднина ќе овозможи директно вклучување и на Јужна Кореја и Кина, пренесува агенцијата „Јонхап“.

Покрај тоа, јужнокорејскиот министер нагласи дека еден од клучните приоритети е формалното завршување на Корејската војна и воспоставувањето траен мировен режим на Полуостровот, со оглед на тоа што воениот конфликт од 1950 до 1953 година заврши само со потпишување примирје, а не и со конечен мировен договор.

Неговите изјави уследија откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека одржува добри односи со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и најави дека планира да се сретне со него подоцна оваа година. Истовремено, Ким Јо-џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер, соопшти дека нема информации за директна комуникација меѓу нејзиниот брат и Трамп, но потврди дека Ким Џонг-ун сè уште има добри спомени и позитивни чувства кон американскиот претседател.