Јужна Африка пред враќање во календарот на Ф1

Јужна Африка би можела да се врати во календарот на Формула 1 по пауза од три децении, јавија денеска светските агенции, наведувајќи дека главен двигател на процесот е седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон.
Во моментов се разгледуваат две апликации – градската патека во Кејп Таун и историска патека во Кјалами, едно од предградијата на Јоханесбург.
Специјалниот комитет, кој беше формиран од јужноафриканскиот министер за спорт Гатен Мекензи, се очекува да донесе одлука во „третиот квартал од оваа година“, најави членот на Комитетот, Млимандлела Ндамасе.
„Ние ќе бидеме домаќини на Гран при во 2027 година. Не е важно дали ќе биде во Кејптаун или во Јоханесбург“, рече Ндамасе.
Претходно, Хамилтон во август лани му порача на раководството на ФИА дека „не можете да додадете трки низ целиот свет и да продолжите да ја игнорирате Африка“.
Овогодишниот календар во Формула 1 вклучува 24 трки, седум повеќе од 2009 година.