Јувентус ја напушти Суперлигата


Најтрофејниот италијански фудбалски клуб Јувентус објави синоќа преку својот официјален сајт дека се повлекува од проектот за формирање Суперлига, зад кој сега остануваат само шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона.

Одлуката на Јувентус доаѓа само неколку денови откако клубот од Торино се спогоди со УЕФА околу казната поради финансиски малверзации поврзани со плати на играчите и доби зелено светло едногодишната суспензија да ја издржи во сезоната 2023/24 во која требаше да настапува во Конферециската лига.

Обидот да се формира европска фудбалска Суперлига, замислена како паралелно натпреварување на Лигата на шампиони од 12 клубови од Англија, Шпанија и Италија, пропадна само неколку денови по иницирањето во април 2021 година под жесток притисок од фудбалските навивачи и УЕФА.

Зад проектот официјално сè уште стојат мадридски Реал и Барселона, додека проектот експресно го напуштија Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Челзи, Ливерпул, Тотенхем, Арсенал, Милан, Интер и Атлетико Мадрид.