„Јутарњи лист“: Хрватска враќа 2.000 пензионирани полицајци


Хрватска – Хрватска првпат по војната ќе врати во служба 2.000 пензионирани полицајци поради мигрантите и потребата од зголемен надзор на државната граница.

Иницијативата ја покрена Министерството за внатрешни работи пред се поради повеќегодишната мигрантска криза и потребата од зајакнат надзор на државните граници, пишува загрепскиот весник „Јутарњи лист“.

Иако станува збор за полицајци во пензија, се наведува дека тие и понатаму се во одлична психофизичка форма, стои во владината уредба која е ставена на јавна расправа.

Според тој предлог, хрватското МВР има право да го зголеми бројно полицискиот состав за 10 отсто, а бидејќи моментно има 18.291, тоа значи дека можат да се вработат уште 1.829 припадници на резервните полициски сили.

Во владината уредба, меѓу другото, е наведено и дека Хрватска во првата половина на следната година ќе претседава со Советот на Европа, поради што, исто така, ќе биде потребно ангажирање на поголем број полициски сили поради обезбедување и заштита на лица и објекти.