Јулските сметки за струја чекајте ги од „ЕВН хоум“


Фото: Б. Грданоски

Сметките за струја за домаќинствата и малите потрошувачи што останаа на регулираниот пазар, почнувајќи од први јули, ќе доаѓаат од „ЕВН хоум“. Тоа е новата компанија која ќе ги снабдува со електрична енергија потрошувачите што останаа на регулираниот пазар.

„По завршувањето на тендерската постапка и потпишувањето на договорот меѓу Владата и победниците на тендерот – „ЕВН снабдување“ и „ЕВН Македонија“ АД Скопје, следен чекор, согласно Законот за енергетика, е победникот на формира ново претпријатие кое ќе добие лиценца за снабдување со електрична енергија, во која ќе му бидат наведени обврските на универзалниот снабдувач, како и обврските на снабдувачот во краен случај“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

Новоформираното друштво „ЕВН хоум“ започнувајќи од први јули ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинства кои решиле да останат на регулираниот пазар на електрична енергија, по цени одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.

„Стандардно РКЕ ќе ја донесе новата одлука за цената на електричната енергија за малите потрошувачи и домаќинствата до крајот на јуни, со тоа што сега ќе биде поедноставна работата бидејќи веќе маржата која ќе ја добива ‘ЕВН хоум’ е утврдена со самиот тендер. Нo потрошувачите ќе добиваат ист тип сметки, со евтина тарифа за домаќинствата, како и досега“, укажува Бислимоски.

За тоа која ќе биде новата цена на струјата, Бислимоски вели ќе се пресмета откако Регулаторна ќе ги добие трите барања – од „ЕВН хоум“, од МЕПСО и од „ЕВН дистрибуција“. Претходно, „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач, треба да распише тендер за набавка на електрична енергија. Притоа, најголемата домашна компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), или ЕЛЕМ по старо, е обврзана да понуди најмалку 80 проценти од вкупните потреби на струја на малите потрошувачи и домаќинствата. Доколку недостасува електрична енергија, таа може да се обезбеди и од увоз.

„Ќе ги видиме влезните параметри кои се за набавката. Исто така, во текот на јуни ќе треба да определиме нови цени и за пренос и за дистрибуција на електрична енергија, тоа е постапка што ја правиме стандардно во изминатите 7-8 години. Врз основа на сите влезни параметри, ќе ја определиме крајната цена на електричната енергија за домаќинствата“, објаснува Бислимоски.

На сите мали потрошувачи и на домаќинствата им останува правото струја да обезбедат и на слободниот пазар. По четири месеци од целосната либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија, регулаторот тврди дека процесот на либерализација оди одлично кај малите потрошувачи, особено кај малите објекти со мала потрошувачка кои досега ја плаќаа таканаречената индустриска струја. Ниту едно домаќинство сè уште нема излезено на слободен пазар поради тоа што тоа би им било поскапо. Затоа и нема интерес ниту кај снабдувачите да им дадат понуди.

Анита Салтировска