Јубилејна колекција на Росица Мршиќ: Престижна “10/22“ за дами со прочистен стил


Модната дизајнерка Росица Мршиќ ја претстави својата колекција “10/22“  со која одбележува 10 години постоење на брендот и 22 континуирано создадени сезонски колекции.

Колекцијата претставува заокружување и разработување на досегашната нејзина изградена естетика, дизајнерски израз и однос кон творењето. Росица Мршиќ изгради пристап на творење со постојано истражување на нови идеи и форми и претворање на истите во крајно удобни парчиња облека, кои се создаваат со поединечна посветеност за да делуваат како носливи уметнички дела. Таа создава облека и модни колекции со голем порив тие да предизвикуваат нови модни толкувања, да се секогаш возбудливи и да бидат актуелни многу подолго од неколку сезони.

Колекцијата ги слави жените за кои дизајнерката твори: индивидуални, љубители на современата прочистена естетика кои веруват во пристапот „помалку е повеќе“ во модата.

Парчињата од колекцијата се женствени,  неоптоварени со потреба од доминантност и изразуваат опуштена елеганција. И во оваа колекција се препознава архитектонскиот стил на дизајнерката преку создадената длабочина постигната со разработениот крој на парчињата. За колекцијата таа користи материјали како памук, волна, вискоза, кои се со текстура, во бургундска црвена, француска плава и неизбежната црна боја. Росица Мршиќ и во оваа колекција си поигрува со формите и материјалите, но останува на корените на минимализмот создавајќи колекција која се обраќа глобално и ги надминува модните трендови.

Росица Мршиќ во текот на десетте години творење изврши влијание на македонската модна сцена преку понуда на редовни сезонски колекции, оствари соработка со домашни и странски фирми дизајнирајќи чорапи, костими за капење и накит, учествуваше и беше добитник на неколку меѓународни модни награди и постигна интернационална препознатливост на својот бренд.

Фото- LeMoi

Модел- Софија Симоноска @Models IN

MUA- Јована Коциќ

Чевли- бутик VIA

Локација- Факултет за Ликовна Уметност/ Вајарски оддел