Јубилејна изложба на Рубенс Корубин во Чифте амам


Фото: Б. Грданоски
„Ателје, радоста на сликањето“ е насловена изложбата на дела од опусот на академскиот сликар Рубенс Корубин, која ја организира  Националната галерија и ќе биде отворена вечер од 20 часот во  Чифте амам.

Ќе бидат претставени негови нови дела, настанати во последните неколку години, како и постари дела, така што изложбата, како што наведе Галеријата, има ретроспективен карактер и е пресек  на претходните фази од творештвото на уметникот.  Со „Ателје, радоста на сликањето“ Корубин ќе одбележи седумдесет години живот и четириест и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград.

-Рубенс Корубин долги години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика, и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата. Уметноста на Корубин сведочи за исклучителна способност за прикажување едно ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Еден романтичен сликар, тој е уметник кој ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи кои го сочинуваат нашиот свет, соопшти Националната галерија.

Рубенс Корубин (Прилеп, 1949) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Белград во 1974 година, каде што две години подоцна  завршил постдипломски студии. Од 1977 до 1979 бил на студиски престој во Париз во „L’ Ecole des Beaux Arsts”, а од 1986 до 2012 беше професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Корубин е член на ДЛУМ од 1975 година. Имал голем број самостојни изложби во земјава и во  странство, а повеќе пати учествувал и на групни изложби. Добитник е и на повеќе призанија и награди.

Изложбата „Ателје, радоста на сликањето“ во Чифте амам за посетители ќе биде отворена до крајот на месецов.