Јубилејна изложба на ДЛУМ по повод 75 години од основањето
Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) вечер во два објекта на Националната галерија – Чифте амам и Мала станица, ќе отвори јубилејна изложба на негови членови по повод 75 години од основањето.
– На изложбата ќе биде претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајки од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени кои го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па се до новата генерација којашто ја претставува иднината на ДЛУМ. Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј, соопшти ДЛУМ.
Изложбата се реализира во соработка со Национална галерија. Свеченото отворање ќе биде вечер во Чифте амам во 20 часот. Во согласност со антиковид-протоколите, приемот на посетители ќе биде од 19 до 19:50 часот.
Истовремено ќе биде отворена за посетители и поставката во Мала станица. Во двата галериски објекта изложбата ќе може да се посети до 12 декември 2021.