ЈСП вози по летен режим, граѓани се жалат


Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ возат по летен режим, со редукција на автобуси, но граѓаните на Скопје се жалаат дека оние што ќе дојдат се преполни или често и не доаѓаат на постојките, иако се најавени на електронскиот систем за известување. Дополнително, со реконструкцијата на улиците и на мостовите во Скопје се прави метеж во сообраќајот, па патниците велат дека до работа патуваат и по 40 минути, пат што во нормални околности го поминуваат за десетина, петнаесет минути.

„Преголем метеж е, има реална потреба од повеќе автобуси. Еве сега и ‘5-ка’ и ‘23-ка’ се преполни кон Центар, плус без клима – сауна. Притоа ‘50-ка’ е преполна, нема кај да се свртиш. Ве молам пуштајте повеќе автобуси“, коментира една корисничка на градскиот ‘крвоток’, на социјалните мрежи.

„Да се застанува на постојките во Карпош 3 на ‘Илинденска’, немаше да биде лошо. Срамота! Да не застанат да соберат луѓе што се враќаат од работа“, коментира друг жител на главниот град.

„Не ви е срам? По час и половина доцни ‘4-ка’. Од ден на ден сè полоши сте“, коментира уште еден изнервиран граѓанин.

Метежот во автобусите на градскиот превоз најмногу се забележува наутро околу 9 часот, и во попладневните часови, кога луѓето се враќаат од работа. Ваквата состојба е забележителна во повеќе локации во градот, но градскиот татко вели дека не треба да се генерализира, ако се работи за една или две линии, каде тоа постојано се случува.

„Не можете да генерализирате. Ако на една или две линии се појави зголемен број патници, да генерализираме дека има некакви метежи. Летниот режим на работа е рутинска приказна која ни се случува постојано. Треба да знаат граѓаните дека Градот Скопје годишно одвојува 9,5 милиони евра за потребите на ЈСП за да го субвенционира, за да биде во ваква состојба каква што е. Јас очекувам дека конечно ќе добиеме одлука за финансиска поддршка од страна на Владата за да можеме да влеземе во имплементација на сосема нов јавен транспортен систем“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Иако се очекува дека граѓаните во летниот период заминуваат од главниот град на одмор или некаде во внатрешноста на земјава, сепак, метежот во градските автобуси е забележлив секој ден.(Б. Б.)