ЈСП со двојно поголема загуба од лани, бара Градот да му покрие 6,2 милиони


Фото: Б. Грданоски

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ја завршило минатата година со загуба од 383.928,366 денари, (повеќе од 6,2 милиони евра) според годишната сметка на претпријатието.

При тоа, 2022 година ЈСП ја завршило со вкупни приходи од 1.699.251.767 денари и со расходи во износ од 2.083.150.133 денари. Затоа, советниците на наредната седница на Советот на Град Скопје, која е закажана за в четврток, ќе треба да дадат согласност за одлуката за покривање на загубата на претпријатието од страна на неговиот основач – Град Скопје.

Инаку, претпријатието го завршило првото тромесечје годинава со позитивни финансиски резултати, односно со остварена добивка од 74,8 милиони денари пред оданочувањето, вкупни приходи во износ од 512 милиони денари, што е за 6,8 проценти или за 37 милиони денари помалку од лани. Расходите, пак, во овој период се во износ од 437,2 милиони денари, што е за 13,2 проценти или за 66,6 милиони денари помалку од лани.

Според извештајот за остварените резултати од работењето на ЈСП „Скопје“, во периодот јануари-март 2023 година, просечната старост на возниот парк изнесувала 11,29 години, што претставува зголемување за 3,48 проценти во споредба со состојбата од минатата година, кога таа била 10,91 проценти. Од ЈСП образложуваат дека соодветно влијание на порастот имало и расходувањето на 22 возила, согласно со одлуката на Управниот одбор на ЈСП донесена на седницата одржана на 29.12.2022 година.

Во првиот квартал од годинава, во линискиот превоз биле поминати вкупно 4.433.297 километри, што е за 7% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Според ЈСП, тоа е резултат на зголемениот број поминати километри и на градските линии за 2,6 проценти и на приградските за 15 проценти.

Во овој квартал, во автобусите на ЈСП биле превезени вкупно 8.981.473 патници, што е за 44,8 повеќе во споредба со истиот период лани. Порастот, како што велат од ЈСП, е резултат на зголемениот број превезени патници со неперсонализирани билети за 35,3 проценти, со персонализирани билети за 49,7 проценти, договорен превоз за 82,2 проценти и патници со дополнителни билети за 128,9 проценти.

За разлика од лани, зголемен е и бројот на сообраќајни незгоди во кои учествувале возила на ЈСП. Така, во првото тромесечје од годинава возилата на ЈСП учествувале во 61 сообраќајна незгода, што е за 48, 8 проценти или учествувале во 20 сообраќајни незгоди повеќе од лани. Во овој период се случиле вкупно 161 инцидент, што е за 30,9 проценти повеќе од лани.

Инаку, во овој период, со жичницата биле превезени 88,208 патници, што е повеќе од лани во овој период, кога биле превезени 82,262 патници. Додека од продадените билети за жичницата во првиот квартал од годинава ЈСП остварило приход од 51.509 денари, што е повеќе од лани во истиот период, кога бил остварен приход од 48.015 денари.