ЈСП Скопје ги потрошиле сите билети за една употреба, кога ќе набават нови – не се знае


Фото: Б. Грданоски

Откако објавивме дека билетот за една употреба во автобусите од јавниот градски превоз не може да се купи, од ЈСП реагираат дека билетот за едно возење и натаму е во продажба, тој не е укинат, ниту се размислува за таква одлука.

Но, како што појаснуваат „факт е дека тој не е достапен во сите возила и билетарници на ЈСП Скопје, со оглед на тоа дека количините на посочениот тип на билет се при крај, односно има голема заинтересираност за негово користење. Според статистиките на Секторот за продажба, во продажба сѐ уште има 20.000-30.000 билети за едно возење’.

Инаку, водејќи се по законските прописи и правила и програмите за работа, ЈСП Скопје навремено распиша оглас за јавна набавка на нови количини од билетот, но, набавката беше поништена, поради пропусти во доставената тендерска документација во некои од понудите. 

Во тек е процедура за повторување на набавката.

Во меѓувреме, на корисниците на јавниот превоз им се достапни повеќе видови билети: билет од десет возења, дневен билет, билет за едно возење купен/валидиран со електронска картичка, билет купен/валидиран со Mobipay (одлука на предметниот мобилен оператор е дали плаќањето на овој начин важи за сите претплатници, независно дали се постпејд или припејд корисници на неговите услуги) со мобилна апликација и слично.

Билетот за едно возење се пушти во продажба во февруари 2020 година, чини 50 денари и може да се купи во сите возила на ЈСП Скопје и во билетарниците на ЈСП Скопје.

Билетот е наменет за еднократна употреба, хартиен е со вграден безконтактен чип, изработен со највисоки безбедносни стандарди, компактибилен со постоечката опрема, односно се валидира безконтактно на постоечките валидатори.