ЈСП не доби субвенции од Град Скопје од 2 милиони евра – се очекува застој


 

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ бараше субвенции од Град Скопје за до крајот на годината во висина од 110 милиони денари, без кои претпријатието ќе биде доведено во состојба да не може да ги пружа услугите и да исплати плати. Советниците не им ги одобрија.

Ваквата состојба е поради долгот од Владата, односно, доцнењето на веќе одобрените 360 милиони денари, штио со ребаланс на Буџетот се определени да се слеат во касата на ЈСП.

Фото: Б. Грданоски

Директорот на ЈСП, Крсте Петревски, пред советниците образложи кои трошоци ги има ЈСП, па рече дека најмногу пари одат на нафта – 480 милиони денари до крај на годината, за
антифриз, масло, мазива – 16 милиони, за електрична енергија 20-22 милиони денари,
парно – 130.000 денари, метан – 110 милиони денари, за мобилни и интернет речиси 2 милиони денари, трошоци за резервни делови, ХТЗ опрема, алат, автогуми, повремени услуги агенција за вработување – 71 милиони. Дополнително рече дека годишно ЈСП плаќа 110 милиони за новите автобуси МАН, како и два други кредита од британскиот и јапонскиот клуб.

– Доколку не ги одобрите овие субвенции на ЈСП ќе дојде до застој, а ќе нема пари ни за исплата на плати – рече Петревски.

Советниците од СДСМ велат дека и претходниот пат и сега ќе гласаат за исплата на овие субвенции затоа што студентите, пензионерите, вработените, средношколците кои постојано го користат јавниот градски превоз се потпираат на неговата функција.

Сепак, само 22 советници гласаа „за“, додека другите не гласаа.

Претходно пак, советниците одлучија да не доделат субвенции и за ЈП „Градски паркинг“ од 5.000.000 денари, за монтажни паркинзи во Центар, Чаир, Кисела Вода и Аеродром.(Б.Б.)