ЈСП бара возачи – сѐ повеќе им заминуваат во странство


Фото: Б. Грданоски

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ на својата веб-страница објави оглас за вработување, иако во него не стои колку лица ќе се вработат. 

Според огласот се бара кандидатите да имаат минимум завршено средно образование (IV степен), возачка дозвола Д категорија, работно искуство од минимум 2 години, флексибилност за работа во смени и професионално однесување. 

Како што стои во огласот, кандидатите треба да достават и доказ дека со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Од ЈСП за медиумите кратко одоговорија дека има потреба од нови возачи, бидејќи се’ повеќе луѓе заминуваат на работа во странство, па поради тоа и постојано се во дефицит со работен кадар.

Ова претпријатие постојано е во долгови. Платата за вработените неретко доцни, а лани еден ден, возачите одлучија да не возат, со што прв пат откако постои јавен градски превоз, главниот град остана без него. 

Градот Скопје, постојано го субвенционира претпријатието за тоа да може да подели плати.