ЈП „Паркови и зеленило“: Дрвото не беше обележано за сечење


Откако градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски повика ЈП „Паркови и зеленило“ да си ја врши работата, затоа што врз дете паднало дрво што се скршило и тоа во близина на просториите на ова претпријатие, од таму велат дека дрвото не било обележано за сечење.

„Во врска со денешниот немил настан во општина Карпош кога гранка од дрво повреди дете ЈП Паркови и зеленило изразува длабоко жалење. Ја информираме јавноста дека најостро ги демантираме наводите на општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење. За конкретното дрво до нас нема пристигнато никакво барање ниту пак има издадено Решение за сечење.

По барањата на странките за интервенција врз дрвјата редовно се постапува. Во досегашното работење на сите барања на Општина Карпош е одговорено. Во член 29 став 2  во Законот за урбано зеленило стои дека врз основа на поднесеното барање, општината е должна во рок од седум дена да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“).

Во случајот е евидентно дека дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило . Сметаме дека надлежните од општината го злоупотребиле овој немил настан од причина што доколку се работи за подрачје на нивна општина за кое требало да поднесат барање“, велат од ЈП „Паркови и зеленило“.