ЈП „Комунална хигиена“ воведе најсовремен гпс-систем за надзор на движењето на комуналните возила

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје воведе најсовремен гпс-систем со којшто ќе врши надзор на движењето на сите специјални комунални возила за собирање и транспорт на отпадот, како и на моменталната состојба на исполнетост на капацитетот на садовите за отпад.


Траекторијата на возилата, нивната моментална локација, брзината на движењето и потрошувачката на гориво се само дел од податоците што раководството на Претпријатието  во секој момент ќе ги има на увид, преку употребата на гпс-системот за надзор. Воедно, преку поставените сензори на контејнерите ќе се утврдува колкава е моменталната исполнетост на нивниот капацитет и дали има потреба од нивно празнење.
„ Очекуваме големи придобивки од воведувањето на овој систем за надзор на собирањето и транспортот на отпадот, најмногу преку увидот во движењето и локацијата на возилата, како и потрошувачката на горивото. Особено е значајна можноста сензорски да се утврди дали еден контејнер е целосно или делумно исполнет со отпад и во согласност со тоа да се испланираат активностите на екипите на Претпријатието.“- изјави директорот на „ЈП „Комунална хигиена“-Скопје“, Абдусамед Шабани.