Јоже Менцингер: Се надавем дека короната е крај на либералниот капитализам

Познатиот словенечки економист, Јоже Менцингер (кој беше и министер во првата влада на државата по осамостојувањето) се надева оти пандемијата на корона вирусот ќе значи и крај на либералниот капитализам.

„Доаѓа до големи промени во светот. Очигледно е дека либералниот капитализам ‘не работи’. Сега, дури и оние што не веруваат во државата во добро време, побараа нејзина помош. Универзалниот основен приход, исто така, станува популарен. Очигледно, нешто се менува, како и ставот кон природата, бидејќи животната средина и воздухот се чини дека се почисти како резултат на намалувањето на економската активност“, оцени Менцингер во интервју за белградски „Новости“.

И тој, како и многу други познати светски економисти,не може да предвиди како ќе изгледа светската економија по крајот на пандемијата. „Се работи за најголема промена од Втората светска војна или по распадот на социјализмот. Засега изгледа дека глобализацијата ќе претрпи најмногу. Економиите се затвораат, сообраќајот е практично затворен, сите ги решаваат проблемите на својата кожа, се враќа локализацијата со националната држава која ги решава сите проблеми“.

Според него, по силината на ефектот врз економијата оваа криза е слична на онаа од триесетите години на минатиот век. Но оценува дека оваа криза е поинаква. „Кризата од 1930-тите беше криза на недоволна побарувачка и, сè до Рузвелт, сосема погрешна економска политика, која се потпираше на штедење, наместо на зголемување на побарувачката. Тековната криза е истовремено и криза на побарувачката и на понудата. Привремено се затворени фабриките кои имаа доволно побарувачка и кои би можеле да работат. Затворени се хотелите, за 90 отсто се намалени сообраќајот и туризмот“.