Јовески за „Независен“: Најважно е предметите да бидат „живи“


Државниот обвинител, Љубомир Јовески во изјава за „Независен весник“, вели дека сѐ уште е рано да се разговара кој од обвинителите ќе ги преземе предметите на Специјалното јавно обвинителство, односно дали е можно по нив да продолжат да постапуваат специјалните обвинители.

Тоа се технички прашања. Важно е и да се види дали партиите ќе успеат да постигнат компромис околу законот за обвинителство. За нас е најважно предметите да бидат ‘живи’“, вели Јовески за „Независен“.

Специјалното јавно обвинителство и официјално заминува во историја. Основното обвинителство прифати да ги презеде предметите што СЈО ги работи во моментот. Постапките по нив, без оглед дали се во судски процес, предистрага или истрага, ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства. Сѐ уште е нејасно дали по нив ќе постапуваат обвинителите од СЈО што си ги водат предметите или ќе се назначуваат други. Одлуката ќе зависи и од преговорите на власта и на опозицијата околу новиот закон за обвинителство, односно дали ќе има договор.

Стручниот колегиум на јавните обвинители во ЈО смета дека нивниот став за преземање на предметите од СЈО е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство „како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото“.

Ваквата одлука беше очекувана по неочекуваното писмо од затворот во „Шутка“ каде притворената обвинителка Катица Јанева „замоли“ предметите што ги раководеше тимот со кој раководеше четири години, да преминат во туѓи раце.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски