Јовески: Се истражуваат и други недвижности за случајот „Плацеви на Водно”

Освен плацевите на Водно, за кои минатата недела обвинителство отвори истрага против поранешниот премиер Никола Груевски, првиот човек на Јавното обвинителство Љубомир Јовески вечерва во интервју за ТВ 24 рече дека се истражуваат и други недвижности во врска со овој предмет.

„Обвинителството презема дејствија во насока да се утврдат докази за тие недвижности и овие плацеви се замрзнати, што значи е забрането нивно оттуѓување и располагање. Тоа се однесува за недвижностите во Скопје. Обвинителството истражува и други околности во врска со овој случај и ќе видиме до какви факти и податоци ќе се дојде во текот на истраната постапка“, рече Јовески.

Воедно, тој збореше и за случајот „Рекет“, односно истакна дека овој судски предмет воопшто нема да влијае на случајот „Империја“.

„Немаше ниту предмет да отвориме, ако не беше пријавата. И материјалните докази, снимките беа од сведокот и тогаш беше проценка на обвинителството кој интерес е поголем. Подобро е да се отвори тој предмет, да се утврдат фактите и да се понесе кривична одговорност на оние кои ги сториле“, рече Јовески.

Тој додаде дека преземањето на предметите на СЈО е за да може кривичниот прогон непречено да се одвива.

„Истрагата за Поштенска банка е завршена и обвинителот веќе ја известил одбраната и обвинителот дека работи на донесување на обвинителска одлука. Обвинителството ќе излезе и со информација и каква ќе биде одлуката на јавниот обвинител по овој предмет“, рече Јовевски.

Во врска со предметот „Попис“ истрагата е завршена и обвинителката која постапува по предметот  изготвува јавно обвинителската одлука. Во основа тој предмет се засноваше на прислушуваните разговори, но на обвинителството му е забрането да ги користи „бомбите“ како докази.