Јовески: Потребни се нови решенија за судењата да не се враќаат на почеток


Републичкиот обвинител Љубомир Јовески смета дека случаите на враќање на почеток на повеќе предмети, како што беше случај со неколку на СЈО со разрешувањето на судијата Горан Бошевски и поротникот Митко Сандев, е слабост на Законот за кривична постапка и вели дека треба да се разгледаат други решенија за да не доаѓа до ова и во иднина.Неговиот предлог е, кога ќе дојде до промена во составот на судечкиот совет, наместо да се враќа предметот на почеток, да се даде време на новиот член да ги разгледа предметите.

„Треба да се преоцени потребата дали во вакви случаи кривичната постапка треба да почне од почеток со оглед дека доказите се изведени, за нив постојат соодветни записи, сега веќе рочиштата се снимаат, и дали не може новиот член на судскиот совет да му се остави дополнително време да се запознае со дотогаш изведените докази. Или, пак, да се даде соодветна можност на судијата-поротник да постапува по тој предмет се до завршување на предметот без разлика што наполнил определена возраст. Има повеќе решение, но очигледно дека актуелното значи определба слабост по постапувањето во овие предмети, процесите ги прави скапи, а некаде одолговлекувањето оди на штета на обвинетите лица“,рече Јовески.

Обвинителот вели дека ова враќањето на дел од предметите на СЈО значително ќе го пролонгира времето до изрекување на пресуда, но очекува Основниот кривичен суд во Скопје да им даде приоритет на овие предмет.

Од судот, пак, денеска излегоа со соопштение дека во предметите во чиј судечки совет беше Митко Сандев, за кого Судскиот совет констатираше дека треба да оди во пензија, е назначен нов поротник и се закажани рочишта за тие предмети. Така, Титаник“ за изборните измами треба започне на 24 август, „Топлик“ за комплексот Сончев град на 23 август, „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ на 3 септември, а „Тендери“ со ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска, кој беше пред пресуда, на 6 септември.