Јовески ќе ги спасува случаите на СЈО


Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, вчера наутро со неколкумина јавни обвинители дојде во зградата на Специјалното јавно обвинителство и со обвинители од СЈО го договари предавањето на предметите од речиси „згаснатото“ СЈО во републичкото јавно обвинителство.
За разлика од пред неколку години кога, тогаш опозициската СДСМ, ги предаваше прислушуваните материјали во картонски кутии, вчера немаше никакво физичко предавање на папки, транскрипти. Сите предмети, прислушувани разговори, транскрипти остануваат во зградата на СЈО и ќе се чуваат под посебен безбедносен режим. Тие ќе се подигнуваат од таму по потреба за судења се додека Јовески не одлучи кој обвинител ќе постапува по предметите.
„Додека не се одреди кој обвинител ќе ги работи, ќе останат таму. Тоа се однесува на сите предистраги, истраги и предметите што се во судска постапка“, рече Јовески.Обвинителството ќе определува за секој поединечен предмет кое конкретно обвинителство ќе биде директно надлежно и кој обвинител ќе го застапува конкретниот предмет.
Додека се примопредаваат предметите рочиштата ќе се одложат, но Јовески вели дека ќе дадат приоритет на распределбата на предметите што сега се во фаза на судење или треба Обвинителството да преземе некои итни, неодложни дејствија по нив. „Бомбите“ од сите предмети и за ова Обвинителство се докази, но последниот збор дали ќе останат ќе го има судијата.
„Познато е дека има веќе став на судовите дека ги прифаќаат како докази и ние ќе ги користиме натаму во постапката. Но, сепак разбирам дека одбраната може да има и поинакво гледање на нивната валидност и затоа судовите во конкретниот процес ќе носат соодветни одлуки“, истакна Јовески.
Тој очекува Советот на јавните обвинител во најскоро време да го реши статусот на обвинителите од СЈО, но не се исклучува можноста ист обвинител да води предмет што го водел во СЈО. Обвинителката Фатиме Фетаи на обвинетите во случајот „Титаник 3“ им порача дека прерано и се смеат бидејќи таа може пак да им биде обвинител. Од Советот на јавни обвинители велат дека судбината на обвинителите ќе се решава откако во недела, ќе и заврши мандатот на нивната шефица која е во притвор, Катица Јанева.
„Ние постапуваме по одредбата во Законот за СЈО во која пишува дека мандатот на обвинителите на СЈО не може да биде подолг од мандатот на специјалната јавна обвинителка. Ова значи дека со завршувањето на нејзиниот мандат или со нејзиното разрешување, завршува и мандатот на сите други обвинители во СЈО“, вели Ацо Колевски, претседател на Советот.Колевски не сакаше да прејудицира каде ќе бидат прераспределени обвинителите, но потенцира дека во Законот пишува дека по завршувањето на мандатот тие треба да бидат вратени во обвинителствата од каде биле преземени.
За опозициската партија, чии функционери се обвинети во предметите на СЈО, предавањето на предметите е „преседан и удар врз правниот систем“.
„Насилното преземање на предмети од СЈО надвор од закон, по наредба токму на истото лице кое е осомничено дека ги злоупотребувало токму тие предмети за политички притисоци и изнуда на пари ќе креира анархија. Катица Јанева го уценуваше ВМРО да и даде поддршка за криминогеното работење, а за возврат нудеше прекинување на постапките, што говори и за мотивите поради кои тие се отворени“, вели Јанушев во дописот до медиумите.
Министерката за правда, Рената Дескоска која е дел од преговарачкиот тим за законот на СЈО, вели дека трансферот на предметите обезбедува завршница на случаите на СЈО.

„Трансферот на предмети што се случува им ги помати сметките на оние кои посакуваа по 15-ти септември да нема специјален јавен обвинител, да нема некој кој ќе ги заврши предметите и да постои институција со заглавени, незавршени предмети уште една година. Тој план направи штета, но пропадна. Сега е веќе извесно дека предметите на СЈО ќе имаат завршница со нивното пренесување во Републичкото јавно обвинителство. Целосно се тргна и можноста за какво било негативно влијание од мислењето на Врховниот суд“, истакна Дескоска.

Според неа со ова се покажало дека постојат механизми кои оневозможуваат блокада на кој било во процесот на носење на законот.

„Можеби носењето на законот веќе не е нужно заради продолжување на предметите на СЈО, но потребно е заради исполнување на обврските од Стратегијата за реформа во правосудниот систем“, потенцира министерката за правда.

Денеска во 13 часот ќе се одржи седница на Собранието со една точка на дневниот ред – разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.Постапката за разрешување на Јанева налага Парламентот да обезбеди дветринско мнозинство и Бадинтерово гласање. Откако ќе се изгласа, предлогот за разрешување се доставува до Советот на јавни обвинители кој го финализира разрешувањето. Постапката за разрешувањето на Јанева од функцијата започна поради нестручно вршење на функцијата, откако Јанева заврши во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.На 15 јули Јанева поднесе одложена оставка, а истиот ден беа уапсени двајцата осомничени во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец. Еден месец подоцна, Јанева стана третоосомничена и заврши во притвор. (Ф.Ф.С.)