Јовески и Ковеси потпишаа договор за соработка со Европското јавно обвинителство


 

Јавниот обвинител на Македонија, Љубомир Јовески, денеска во Луксембург потпиша Работен договор за соработка со Европската главна обвинителка, Лаура Ковеси.

Документот, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство, има за цел да ја олесни меѓусебна соработка и размената на информации меѓу двете обвинителства за да се обезбеди ефикасна истрага и гонење на сторителите на кривични дела, особено кога станува збор за злоупотреби на финансиски средства од европските фондови.

Со договорот е предвидено Јавното обвинителство на Македонија и Европското јавно обвинителство да ги разменуваат сите стратешки информации во нивна надлежност.

Со документот потпишан денеска, се наведува во соопштението, се предвидува двете обвинителства да одржуваат состаноци на високо ниво, како и технички состаноци на оперативно и административно ниво. Договорот ја воспоставува и можноста двете јавни обвинителства во иднина со посебни договори да формираат и заеднички истражни тимови.