Јовановиќ до Левица: За парите што ги добивте не ви текнуваат смешни амандмани?


Партиите експресно се договорија и си изгласаа пари од државата, а во меѓувреме се трупаат законите во Парламентот поради немањето консензус, бидејќи се блокираат измените за гласање онлајн. Со последната одлука тие ќе добијат  над три милиони евра од буџетската каса кои законски им припаѓаат откако во јули 2018 година едногласно го изгласаа Законот за финансирање на партиите. Левица беше единствената партија чии пратеници не гласаа „за“, но сепак не беа ни против. Поради тоа ги прозва поранешниот член Бранимир Јовановиќ  кој запраша кај се сега Апасиев и Крмов да прават „филибастеринг“?

„Нешто не им текнуваат „смешни“ амандмани кога треба и тие да лапнат стотици илјади евра…Ама добро, нека паднат маските…Нека видат сите убаво дека не им е гајле ниту за сиромашните, ниту за државата, него само за еврата на нивните сметки…“, стои во објавата на Јовановиќ.

Од Левица, која користи филибастеринг за да блокира други законски решенија, денеска излегоа со став дека „државното финасирање е оправдано како механизам за политичка независност.“