Јован Трпеноски, обвинител и адвокат, почина на 87 години


 

Јован Трепеноски, човекот којшто остави специфичен белег во македонското обвинителство и во адвокатурата, почина на 87 години. Трепеноски важеше за извонреден стручњак во областа на правото. Неговото сталожено и непристрасно објаснување за прашањата на демократизацијата, политичките злоупотреби на власта и правата на граѓаните во годините на владеењето на Никола Груевски и потоа кога Македонија требаше да се исправи од времето на заробената држава, го направија Трпеноски исклучитлено благодарен соговорник за прашањата за кои јавноста имаше огромен интерес. Адвокатската канцеларија „Трпеноски“ која тој ја основа, е една од најпознатите во Македонија.

Најголемиот дел од својот работен век Јован Трпеноски го помина како обвинител. Се вработи како обвинител во Охрид веднаш по дипломирањето на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во 1959 година. Инаку, Трпеноски беше роден во Охрид 1935 година, каде заврши основно и средно образование. Како обвинител во Охрид работеше 15 години и во 1974 премина во Скопје извршувајќи ја функцијата окружен јавен обвинител во наредните 10 години, за потоа во наредните шест години да биде јавен обвинител на Македонија. Најпосле, како секретар за внатрешни работи, беше дел од последната социјалистичка влада на Глигорие Гоговски (во 1989 и 1990 година) која го подготви теренот за преминување во политички плуразизам.

Поради неговиот голем углед и неспорни знање Трпеноски во 2002 година стана дел од првата Комисија за спречување на корупцијата, која остана во сеќавање како институција која ги постави темелите за натамошната борба против коруптивните дејанија.

Трпеноски стана жртва во политичкиот „лов на вештерки“ што го спроведуваше во еден период Лустрациската комисија. Тој беше лустриран од Комисијата за верификација на факти врз основа на тоа што потпишал налог за прислушување на телефонски разговори, како и поради тоа што, во својство на окружен јавен обвинител, поднел обвинение против едно лице. Како и за најголемиот дел од лицата лустрирани од тогашниот состав на Лустрациската комисија и за него имаше впечаток дека е жртва на политичка одмазда. Тоа се докажа и на судот. Во јануари 2017 година Вишиот управен суд ја поништи одлуката на Лустрациската комисија со која беше оцрнет Јован Трпеноски. (Н.В.)