Јован Деспотовски се вклучи во трката за лидер на СДСМ


 

Актуелниот директор на Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, во партиското седиште поднесе кандидатура за претседател на владејачката СДСМ. Тој вчера најави дека сериозно размислува да се кандидира, но дека прво сака да се консултира и со семејството.

До Централната изборна комисија, Деспотовски ја достави и неговата програма „Концепт 28“ во која според него фокус се луѓето. Основната цел е обезбедување на повисок квалитет на живот за граѓаните, при што програмата „Концепт 28“ нуди поинаков пристап во креирањето и во спроведувањето на политиките и мерките.
 
-Нудиме концепт во политиката што нема да поаѓа од „Кој“, туку од „Како“ и „Каков човек/луѓе“ ни се потребни. Концепт што, преку конкретни и мерливи резултати, ќе ја зацврсти СДСМ како водечка политичка организација во Северна Македонија и по следните парламентарни избори. Концепт што ќе обезбеди континутет и квалитет во спроведување на современите вредности и прогресивните политики до 2028 година, стои во програмата на Деспотовски којашто е доставена.
 
Сите информации за вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, правилникот, роковите, онлајн алатката за активна регистрација на членовите, програмите на кандидатите кои ги доставиле во електронска форма се достапни на следниот линк: https://sdsm.org.mk/vonredni-vnatrepartiski-izbori.
 
Рокот за доставување кандидатури истекува денеска во 16 часот, по што утре Централната изборна комисија ќе ги анализира и ќе ги верификува оние кандидатури кое се во согласност со наведените критериуми.
 

Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Властимир Алексовски се другите тројца  кандидати кои веќе ги поднесоа кандидатурите за претседател на СДСМ.